СВЕДОШТВО НА ЖИВКО ДАВИДОВСКИ ОД ПЕТРИЊА: Земјотресот ми ја урна куќата стара 250 години – беше историски споменик во градскиот центар
Објавено во: Балкан 30 Декември, 2020
Катастрофа, ужас, трагедија. Со овие зборови Живко Давидовски, ја опишува состојбата во Петриња, Хрватска, која вчера беше погодена од разорен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер. Давидовски, по потекло од Македонија, живее во центарот на градот кој најмногу настрада од потресот.
„Бев во канцаларија, која се наоѓа на приземјето од мојата куќа. Одеднаш почувствував голем удар и тресење. Успеав да се засолнам под носечкиот столб на канцеларијата. Беше страшно. Во тие мигови сфатив колку човекот е немоќен против природата. Почнаа да паѓаат на подот работите од масата и канцалариските ормари. За среќа немав повреди. По завршувањето на потресот излегов надвор. Забележав уплашени и шокирани луѓе. Сите гледавме во нашите куќи. Поголем дел од нив беа комплетно уништени, ни изјави Давидовски во телефонскиот разговор и појасни.
„Куќите во центарот на градот се изградени пред 250 години и се еден вид историски споменик. Мојата куќа не се сруши целосно, но за жал не можам повеќе да живеам во неа. Потребна е голема обнова. Тоа што се сруши ќе се изгради, но, никогаш нема да се вратат луѓето кои ги изгубија животите. Ние сите се познаваме во градот и живееме како семејство. Ова е голема загуба за сите нас. Поголем дел од мештаните заминаа кај свои пријатели и роднини во други градови. Моментно сум во Сисак, кај мои добри пријатели – вели тој.
Давидовски инаку е претседател на македонското малцинство во Сисачко-мословачка жупанија.
Во вчерашниот земјотрес во Петриња загинаа шест лица. Спасувачките екипи под урнатините ги извлекле телата на 13 годишно девојче од Петриња и пет други лица од Мајска Полјана. Според досегашните информации има повеќе од 20-тина повредени лица.
Хрватските медиуми јавуваат за голема материјална штата, особено во Петриња. Ова е втор силен земјотрес што ја погоди Хрватска годинава. Првиот беше на 22 март во Загреб со јачина од 5,5 степени, во кој загина едно девојче.
Петриња е град во Хрватска, во Сисачко-мославачката жупанија, оддалечен е 13 километри од Сисак и 60 километри од Загреб. Во него живеат околу 25 илјади жители. Името на Петриња доаѓа од латинскиот збор petrus што значи камен. Се претпоставува дека градот постоел во римско време на подрачјето на Зринска гора, која била богата со камен. Петриња се спомнува во 12-от век.
Соња Алексоска Неделковска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.