Добивај вести на Viber
Црвениот крст на Република Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на крводарителството - 14 Јуни и 150 години од хуманата акција на Црвениот крст и Црвената полумесечина во светот. По тој повод промовираше и кампања за дарување крв која ќе биде фокусирана на младите.
Црвениот крст во 2012 година во соработка со Институтот за трансфузија собрал 54.687 крвни единици или 94,4 отсто од планираните, со што се задовволени потребите на здравствениот систем во Македонија.
Мисијата на Црвениот крст на РМ и на неговите волонтери ја поздрави премиерот Никола Груевски, кој на свеченоста доби Златен медал од Црвениот крст на РМ како благодарност за поддршката од Владата во остварувањето на целите, институционалниот развој и програмските активности на оваа организација.
За Црвениот крст во глобални рамки Груевски рече дека е движење што прераснало во локомотива на хуманоста. На македонскиот Црвен крст рече дека му оддава посебна почит за придонесот со хуманоста, добрата волја и алтруизмот и дека и натаму ќе има полна поддршка од Владата.
- Со својот човечки потенцијал, мобилноста и релевантните знаења и вештини, Црвениот крст на Република Македонија континуирано ја зголемува вклученоста на граѓаните во општествениот развој и во решавањето на потребите на луѓето, независно од средината од која доаѓаат. Вредноста која тие ја создаваат и вградуваат со своите активности е многу значајна...Стотиците крводарителски акции, младите кои се приклучуваат кон Црвениот крст, жарот и енергијата кои овие луѓе ја вложуваат, охрабрува и кажува дека нашето општество мора да остане отворено за вистинските вредности, истакна Груевски.
Зборувајќи за мисијата и волонтерската служба, генералниот сектретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити посочи дека нивната работа е поттикната од хуманитарните идеали.
- Продолжуваме да обезбедуваме релевантна и навремена хуманитарна помош и сме посветени и обврзани да го правиме тоа сега и во иднина. Успеваме да ја мобилизираме моќта на хуманоста - да им помогнеме на луѓето да се подготват, да одговорат и опорават од кризите и катастрофите. Ние сме глобални во нашиот состав и присуство како мрежа, но локални во нашиот пристап... Петнаесет децении исполнети со здравствено-превентивни и социјални активности и услуги за различни целни групи, промовирање на основните принципи и хумани вредности на меѓународното движење, истакна Саити.
Мотото под кое годинава се одбележува Светскиот ден на крводарителството е „Подари подарок кој значи живот“. Според Светската здравствена организација, годишно во светот се реализираат околу 107 милиони крводарувања. Македонија е во групата земји каде стапката на крводарителство се движи од 20 до 29 крводарители на илјада жители што, според д-р Андреја Арсовски, е солидна бројка, но современите болести и начини на лекување, рече тој, се повеќе бараат користење на количините од таа драгоцена течност.
Македонските крводарители се претежно од средната генерација и затоа новата кампања, која Црвениот крст на РМ ќе ја реализира со приватната болница Ремедика, ќе биде насочена кон подигнување на свеста на младите луѓе (средношколци и студенти) за значењето на дарувањето крв.
Нејзиниот слоган е „Супер е да си млад, кул е да си хуман“, а заштитно лице оваа година е ракометарот Наумче Мојсовски од клубот Металург. Тој рече дека сите негови соиграчи безрезервно ја поддржуваат кампањата.
- Крводарителството не е опасно. Со еден мал, безболен убод, ќе спасите многу животи, рече Мојсовски на свеченоста на Црвениот крст на Република Македонија