Добивај вести на Viber
Српскиот министер за правда Никола Селаковиќ денеска го обвини тајкунот Мирослав Мишковиќ, сопственик на холдингот „Делта“, дека се обидел да го прислушкува премиерот Александар Вучиќ со крајна намера да ја урне власта во Србија.
Со сериозни обвинувања изнесени во Парламентот, Селаковиќ ги потврди информациите објавени неодамна во јавноста дека во еден белградски хотел, во сопственост на Мишковиќ, биле поставени уреди за прислушкување и тоа токму во просторијата планирана за Вучиќ да се среќава со учесниците на минатонеделниот меѓународен состанок на Трилатералната комисија во Белград, на кој присуствуваше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Министерот за правда тврди дека припадниците на службата за безбедносна проверка на просториите откриле „нешто интересно“ во собата во која Вучиќ требало да одржува тет-а-тет состаноци. Селаковиќ прецизира дека станувало збор за уреди за прислушкување и заклучил дека целта на тајкунот била со вакви и слични активности да се обиде да ја урне власта во Србија.
И министерот за правда и премиерот Вучиќ претходно проценија дека штрајкот на 8.500 адвокати во Белград е искористен и е во интерес на тајкуните кои се обидуваат да ги одложат судските процеси против нив, а Селаковиќ отиде и подалеку, нарекувајќи го претседателот на Адвокатската комора „адвокат на Мишковиќ“.
Сопственикот на „Делта холдинг“ Мирослав Мишковиќ е еден од најбогатите луѓе во Србија, но е обвинет за злоупотреби при приватизацијата во оваа земја. Заедно со синот Марко и уште деветмина соработници е обвинет дека државните претпријатија за патишта ги оштетиле за 154 милиони евра, а државниот буџет за 4,3 милиони евра.