Тече увидот во избирачкиот список, ДИК отвори канцеларии во 17 општини
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Увидот во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори се одвива без проблеми во подрачните одделенија на ДИК и во канцелариите на општините, како и електронски, постојано, 24 часа, соопштуваат од Државната изборна комисија.
Додаваат дека вчера до 19 часот во подрачните единици и канцеларии увид во списокот направиле 766 гласачи. Пријавени за гласање од дијаспората досега се 4.973 државјани на Република Македонија, како и 56 лица кои биле со спорни записи.
Јавниот увид во избирачкиот список започна на 29 октомври и ќе трае до 11 ноември.
Од евидентираните 1.783.715 лица во избирачкиот список кои имаат право на глас на претстојните предвремени парламентрани избори, вкупно 297.109 се во Изборната единица (ИЕ)1, 307.675 се во ИЕ 2, 282.885 се во ИЕ 3, 285.628 се во ИЕ 4, 296.322 се во ИЕ5 и во 314.096 се регистрирани во Изборната единица 6.
До 6 ноември се собираат и потписи за една листа на кандидати за пратеници од група избирачи во Изборната единица 2, чиј носител е Оливера Доцевска.
ДИК отвори дополнителни канцеларии во 17 општини каде што нема свои подрачни одделенија или канцеларии. Од 8:30 до 19 часот отворени се канцеларии во Сарај, Ѓорче Петров, Студеничани, Аеродром, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Арачиново, Петровец, Липково, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Јегуновце, Теарце, Маврово и Ростуша и Врапчиште.