ТЕМНИ ЕКРАНИ ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА: Ни се заканува информативен мрак
Објавено во: Македонија 18 Јуни, 2020
Пред избори и во екот на една од најлошите епизоди на корона кризата во земјава, Македонија е во голем ризик да остане во информативен мрак, дознава Фактор.
Причина за ова е фактот што Владата не успеа да ја реши неколкумесечната голгота на релација национални телевизии - оператори. Овој проблем, според нашите информации, ќе заврши на штета на корисниците, кои ќе остаант не само без национални, туку и без странските телевизии, за кои, пак, уредно си ги плаќаат своите месечни сметки.
Сознанијата говорат дека од 21 јуни, што значи за само неколку дена, граѓаните ќе останат без телевизија. Односно, во знак на протест против неодамна донесениот Закон за медиуми, операторите ќе ги изгасат сите телевизиски канали, освен МТВ, за да го искажат својот револт од ова неадекватно законско решение.
Како што дознава Фактор, допис со ваква содржина бил испратен до Владата и до сите релевантни институции, но и до странските претставништа. Па така, со ова сериозно предупредување веќе се запознаени техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, шефот на државата Стево Пендаровски, претседател на Собранието Талат Џафери, директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, директорот на АЕК Сашо Димитријоски, но и до странските амбасади, односно до американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, евроамбасадорот Самуел Жбогар, амбасадорот на Германија Томас Герберих, како и до австрискиот амбасадор, Георг Вуцас.
Во дописот до кој дојде Фактор, меѓу другото, стои дека операторите се принудени да почнат со времени прекини во реемитувањето.
„Принудени сме да започнеме со времени прекини во реемитувањето на
телевизиските програми во знак на протест поради неодржливоста на сегашната
правна рамка и наметнатите неуставни обврски. За време на прекините на екранот
ќе ја испишеме причината за ова, со цел да ги запознаеме нашите корисници и
општата јавност со она што ги очекува на почетокот на август оваа година како
резултат на донесената Уредба“, се вели во писмото што го испратиле опараторите.
Проблемот кој се провлекува веќе неколку месеци нананзад беше најавуван од сите оператори, но состојбата дополнително се замрси по последната владина Уредба, со која им се наложува на операторите да ги пререгистрираат сите странски канали во период од 60 дена, наметнувајки им ретроактивна обврска за веќе регистрирани канали.
Во дописот операторите наведуваат дека е невозможно да се спроведе оваа одлука од нивна страна во дадениот рок, но и од страна на странските канали, кои нема да ги потпишат новонаметнатите изјави. Со тоа, пак, се отвара можноста за кривично гонење на управителите на радиодифузерите и операторите.
Според текстот на протестното писмо до кој дојде Фактор, во него операторите нагласуваат дека остануваат и понатаму посветени на изнаоѓање прифатливо решение и се отворени за соработка. Се повикуваат на предлози за дополнување на Правилниците донесени од Агенцијата за медиуми, кои се веќе подготвени и со кои се предлага детална процедура за затемнување на програмските содржини, во случај некој од домашните радиодифузери за дел од нив да ги има откупено правата.
„Предлагаме измена на Упатството за постапката за утврдување на одговорноста за сторена повреда или прекршување при реемитување на програмски сервиси на радиодифузери од друга држава со додавање на соодветна процедура што ќе ја официјализира постапката на затемнување на секоја содржина реемитувана од странски радиодифузер за која национален радиодифузер ќе не извести дека поседува ексклузивни и/или приоритетни права за реемитување на територијата на земјава“, се нагласува во писмото.
Во дописот стои дека операторите очекуваат дека Владата ќе го земе предвид овој предлог, кој е во интерес на сите страни, и ќе реагира со измена на наведената Уредба т.е. споменатиот член 3 за делот на нова регистрација на странските канали. Доколку нема промени во наведената Уредба, после истекот на 60 дена од 8 август, операторите ќе немаат можност да вршат реемитување на странски канали, а со тоа нема да има економска логика да се реемитуваат и домашните радиодифузери.
А како што е познато, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги Владата ги донесе на 16 февруари годинава, на денот на распуштањето на Собранието, по скратена постапка и без претходна јавна расправа. Со нив на операторите им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат, и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.
Операторите поднесоа и иницијатива до Уставниот Суд за оценување на уставноста и
законитоста на спорните одредби од законот, односно членот 143, со барање за времена мерка со која ќе се одложи примената на
усвоените законски измени. Уставниот Суд сеуште ја нема донесено својата одлука.
Со Уредба донесена на почетокот на април, Владата го стави вон промет проблематичниот член 143 како резултат на неколку директни средби со највисоките претставници на Владата и уверувањето дека ќе го разрешат проблемот. Меѓутоа, како што стои и во дописот, последната Уредба донесена во мај повторно го врати во сила проблематичниот член 143, со што за операторите повторно се создаде правна несигурност и повисоки трошоци.
Според сознанијата на Фактор, одлуката за прекини во
реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните
институции не изнајдат прифатливо решение, со кое ќе се стават вон сила спорните
одредби кои го оневозможуваат реемитувањето.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.