Трајко Вељаноски: Референдумската иницијатива мора да се прифати до среда
Објавено во: Македонија 10 Септември, 2022
Поранешниот претседател на Собрнието, Трајко Вељаноски, вели дека се е коректно во поднесената иницијатива во Собранието за распишување на референдум за отфрлање на Договорот за добрососедство со Бугарија и дека до вторник на полноќ тоа мора да биде утврдено, без разлика на тоа дали спикерот Талат Џафери е отсутен.
– Воопшто не држи вода оправдувањето дека иницијативата за референдум сѐ уште не стасала кај собранискиот спикер, оти тој бил во странство. Тој, доколку сака, може да биде и цел месец отсутен од земјава, но тоа не значи дека собраниските служби не работат и дека не можат да ја достават иницијативата до комисиите. Член 191 став 1 од собранискиот Деловник вели дека иницијативата треба веднаш да се достави до собраниските комисии. А тој термин „веднаш“ всушност значи „сега“, или уште попрецизно: „денеска“. Но со оглед на тоа што иницијативата беше поднесена во петокот, тоа значи таа уште истиот ден треба да биде доставена до комисиите. Значи, претседателот на Собранието сега не се произнесува дали иницијативата е исправна или не е исправна, туку само ја доставува. Член 191 став 2 од Деловникот, пак, ги обврзува Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија во рок од два работни дена да му достават мислење на претседателот на Собранието, односно да се произнесат дали иницијативата е уредна или не е уредна - објаснува Вељаноски за „Плусинфо“.
Очекува позитивно мислење од двете собраниски комисии, бидејќи како што вели, исполнети се сите услови.
– Нема што овде да е негативно. Сѐ е чисто и сите услови се исполнети. Прво, собрани се минимум 100 потписи и референдумското прашање е формулирано согласно Законот за референдум и не е спротивно на Член 28 став 3 од Законот за референдум, кој вели дека не може да се распише референдум за прашања кои се гласаат со Бадентерово мнозинство. Овој закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, согласно стенограмите, изгласан на седницата број 30 одржана на 15 јануари 2018 година, не се гласал со Бадентерово мнозинство. Тоа значи дека иницијативата за референдум е чиста како солза. Затоа, доколку се почитува Деловникот, најдоцна до среда следнава недела треба да има позитивно мислење во Собранието – додава Вељаноски.