18 Декември, 2025
0.0610

ТРАМП СЕ НАЛУТИ - го обвини кинескиот претседател дека со Путин и Ким Џонг-ун прават заговор против САД

Објавено во: Македонија 03 Септември, 2025 08:13

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини својот кинески колега Си Џинпинг дека заговорнички делува против САД заедно со рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Денешната изјава на Трамп уследи додека Кина  беше домаќин на најголемата досега воена парада по повод Денот на победата, на која присуствуваа 26 шефови на држави, вклучувајќи ги Путин и Ким.

„Пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг-ун додека заговорнички делувате против Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата мрежа „Трут соушал“.


Тој потсети и на „огромната поддршка и ‘крв’ што САД ја дадоа на Кина за време на Втората светска војна“. „Многу Американци загинаа во потрагата на Кина по Победа и Слава. Се надевам дека ќе бидат достојно почестени и запаметени“, истакна Трамп.

Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога Си Џинпинг, пред 26 светски лидери, вклучувајќи ги Путин и Ким, зборуваше за „незапирливата“ Кина, која „никогаш нема да дозволи да биде заплашена од насилници“.

На парадата беа прикажани новата генерација оружја, вклучувајќи нуклеарни проектили, ласерски системи и поморски дронови.

Кина се обидува да се позиционира како можна противтежа на САД откако царините на Трамп го потресоа глобалниот економски и политички поредок.

Иако некои набљудувачи присуството на Путин и Ким го толкуваат како порака до Западот кој ги изолираше, Трамп изјави дека не гледа на парадата како предизвик за САД. 

На прашањето од Би-Би-Си дали верува дека Пекинг и неговите сојузници се обидуваат да формираат меѓународна коалиција за да се спротивстават на САД, Трамп рече: „Не. Воопшто не. На Кина ѝ требаме“.

Трамп истакна дека има „многу добри односи“ со Си и додаде дека е уверен во американската воена надмоќ. - Америка има најмоќни вооружени сили во светот, и тие никогаш не би се осмелиле да ги употребат против нас. Тоа би било најлошата работа што би можеле да ја направат, нагласи тој во радио интервју.

Во истото интервју, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин, бидејќи не успеале да постигнат мировен договор за Украина за време на нивната средба во Алјаска минатиот месец. - Ќе преземеме нешто за да им помогнеме на луѓето да живеат во Украина, најави тој, без детали.

Кина, иако не ја осуди руската инвазија, е обвинувана од Западот дека ѝ помага на Москва преку набавка на нафта и испорака на материјали со двојна намена. Пекинг ги отфрла овие обвинувања.

Јапонија одби да ја коментира парадата, наведувајќи дека со Кина гради „конструктивни односи“.

За потсетување кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека светот се соочува со избор меѓу мир и војна, додека ја предводеше најголемата воена парада во историјата на својата земја, придружуван од рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Свечениот настан се одржа по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна, а западните лидери во голема мера ја игнорираа церемонијата. Путин и Ким, кои се изолирани на Западот поради војната во Украина и нуклеарните амбиции на Пјонгјанг, беа почесни гости.

Настанот беше осмислен за да ја покаже воената моќ и дипломатското влијание на Кина во време кога трговските тарифи и непредвидливата политика на американскиот претседател Доналд Трамп ги оптоваруваат односите со сојузниците и ривалите.

- Денес човештвото е исправено пред изборот помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација, добивка за сите или игра со нулта збир, изјави Си пред повеќе од 50.000 гледачи на плоштадот Тијананмен, додавајќи дека кинескиот народ „цврсто стои на вистинската страна на историјата“.

Возејќи се во отворена лимузина, Си вршеше смотра на војниците и најсовремената воена техника, меѓу кои ракети, тенкови и дронови.

Хеликоптери носеа големи транспаренти, борбени авиони летаа во формација, а 70-минутната парада заврши со пуштање на 80.000 гулаби и шарени балони.

Облечен во костум во стилот на Мао Це Тунг, Си претходно ги поздрави повеќе од 20 светски лидери на црвениот килим, меѓу кои и индонезискиот претседател Прабово Субианто, кој изненадувачки присуствуваше и покрај протестите во својата земја. Неговата сопруга, Пeнг Лијуан, на англиски им посака „Добредојдовте во Кина“ на дел од гостите.

Седејќи помеѓу Путин и Ким, Си повеќепати иницираше разговори со нив додека пред нив минуваа војниците и воената техника.

Си ја претстави Втората светска војна како клучен пресврт во „големото обновување на кинеската нација“, кога земјата ја надмина понижувачката инвазија на Јапонија за да стане економска и геополитичка сила.

Паралелно, тој промовира нов глобален поредок, повикувајќи на единство против „хегемонизмот и политиката на сила“ – порака насочена кон САД. - Си е уверен дека сега Кина ја презеде водечката улога, оцени Вен-Ти Санг од Атлантскиот совет.

Аналитичарите проценуваат дека парадата може да означи сигнал за поблиски воени односи меѓу Кина, Русија и Северна Кореја, по пактот меѓу Москва и Пјонгјанг од јуни 2024 и сличниот договор со Пекинг.

Фото: Принтскрин/Тру

Можеби ќе ве интересира

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот

ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми

ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето

Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје

Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје

Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив

Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив

Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска

Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска