Транспорт на мигранти за 4.000 евра од Гевгелија до Скопје
Објавено во: Мои пари 02 Февруари, 2014
Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против лицата А.Ш.(28), и Р.Б. (33) од Гевгелија осомничени дека сториле кривично дело „криумчарење на мигранти“.
МВР денеска соопшти дека двајцата се приведени и изведени пред судија за претходна постапка и од негова страна изречена им е мерка притвор во времетраење од осум дена.
Имено, на 30-ти минатиот месец околу 03.30 часот од страна на Единицата за борба против криминал во скопската населба Автокоманда биле сопрени три возила и тоа марка „БМВ“ со гевгелиски регистарски таблички управувано од А.Ш., потоа марка „пасат фолксваген“ со велешки регистарски таблички управувано од Р.Б. и „опел омега“ исто така со гевгелиски регистарски таблички управувано од трето лице при што во возилата „пасат фолксваген“ и „опел омега“ биле пронајдени 10 лица илегални мигранти од Сирија.
Од извршениот разговор со приведените лица А.Ш. и Р.Б. утврдено е дека претходниот ден, односно на 29.01. од страна на друго лице телефонски било побарано од Р.Б. услуга, односно тој со возило да оди за Скопје да однесе некои лица кои биле со валидни патни исправи и дека за таа работа ќе му бидат исплатени пари за бензин. По разговорот Р.Б. веднаш се упатил на местото каде биле договорени односно кај училиштетот во село Богородица каде што тој земал 2.000 денари и 20 евра. Лицата мигранти ги качиле во село Богородица во двете посочени возила, а возилото „БМВ“ било претходница и истите се упатиле по автопатот Гевгелија – Скопје. Патувајќи кон Скопје требало да застанат во село Катланово каде А.Ш. од двете возила во кои биле мигрантите земал 4.000 евра. Откако пристигнале во Скопје поточно во населба Автокоманда, А.Ш. и Р.Б. биле сопрени и приведени, додека третото лице кое управувало со „опел омега“ успеало да побегне во непознат правец оставајќи го возилото со лицата мигранти.
Лицата илегални мигранти по обавениот разговор сместени се во Прифатен центар за странци заради нивно обезбедување во кривичната постапка.
Полицијата работи на утврдување на инволвираноста и на други лица во случајот и негово целосно документирање и расчистување.