28 Ноември, 2024
0.0277

Трговската војна со Србија може да биде погубна за дел од македонската економија

Објавено во: Агробизнис 05 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Најавата на Србија дека ќе го ограничи увозот на македонско вино, може да биде погубна  за трговијата на двете земји, предупредуваат од Стопанската комора на Македонија. Од таму апелираат двете страни да се заземат и што побрзо да го решат спорот, затоа што ќе има негативни последици, особено врз извозот на македонското вино, бидејќи се работи за еден од поголемите пазари. Само лани извозот на вино во Србија изнесувал 27.000 тони, во вредност од 15 милиони евра. Иако постои вознемиреност кај  домашните винарии, засега никој јавно не сака да проговори, за последиците од најавите на Србија. И додека два дена српските медиуми се преполни со остри реакции и закани од надлежните институции и од земјоделските здруженија, од македонската страна нема официјален став како ќе се реши спорот. Од министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, единстевно велат дека одлуката за врзан увоз на пченица и брашно во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој. Од Министерството за економија велат дека одредени членови од договорите со ЦЕФТА превидуваат воведување на заштитини мерки при увоз. -Можноста за преземање на заштитни мерки согласно  Договорот ЦЕФТА 2006  е дадена во членот 23 д. Договорот според кој  страните ги потврдуваат нивните права да преземаат заштитни мерки според членот XIX од ГАТТ и Договорот за заштитни мерки на СТО, под услови утврдени во Заедничката декларација која се однесува на овој член.Услови за преземање на заштитни мерки и постапките за примена на мерките  се исто така дадени во членот 23 и членот 24.Заштитни мерки  може да се превземаат во случај на зголемени количини на увоз на одреден производ и ако тој увоз предизвикува или постои закана да предизвика. Страната што увезува може да преземе соодветни билатерални заштитни мерки против другата страна од овој Договор, под услови и во согласност со важечките постапки утврдени во член 24. Такви преодни мерки може да се применуваат најмногу за 200 календарски денови, објаснуваат од Министерството за економија. Но, Србија не отстапува од намерата да го ограничи увозот на македонско вино и домати, доколку македонската Влада не ја повлече мерката за врзан увоз на пченица и брашно. Бурни реакции деновиве стигнуваат и од надлежните министерства и од земјоделските здруженија од Србија. Српските земјоделци ја повикуваат Владата на Србија да и возврати на Македонија со ист аршин. -Очекуваме нашата Влада да научи од Македонија, и да ги заштити интересите на земјоделците, на тој начин што итно ќе донесе исти мерки за увозните производи од Македонија, особено за оние кои се од големо значење за Македонија. Одлуката на македонската Влада има штетно економско влијание особено на членките на Житовојводина, како позначајни извозници на пченица и брашно, и директно ги загрозува деловните односи со фирмите од Македонија со кои соработуваме. Треба сериозно да се земе во предвид воведувањето на реципрочни мерки за Македонија, како што е на пример, носење на мерки во врска со увозот на македонското вино во Србија, се вели во соопштението на Здружението на мелничари и пекари Житовојводина објавено во српските медиуми. Соопштението е упатено и до надлежните институции во Србија, а во него меѓу другото српските мелничари предлагаат за литар увезено македонско вино во Србија, српските визби да откупуваат четири литри вино од Србија. Србија: мерката е спротивна на ЦЕФТА договорите Српскиот заменик министер за внатрешна и надворешна трговија Бојана Тодоровиќ, изјави дека веќе се обратиле до претседавачот на ЦЕФТА, Босна и Херцеговина, од  каде побарале помош за решавање на спорот, и итна седница на заедничкиот комитет на ЦЕФТА. - Мерките е спротивна на ЦЕФТА договорите. Ние веќе размислуваме за превземање на контра мерки, но секако прво ќе се обидеме преку ЦЕФТА да го решиме проблемот. Но доколку македонската Влада не ја повлеќе мерката, ќе бидеме принудени   да воведеме контра мерки, изјави за македонската телевизија 24 Вести, српскиот заменик министер за внатрешна и надворешна трговија Бојана Тодоровиќ. Македонија мерката за врзан увоз ја воведува неколку години со цел да се откупува македонската пченица и да се заштити македонското производство. Ваквата одлука ќе важи до крајот на годината. Според одлуката, увозот на меркантилна пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство, со право на увоз на 1 килограм на секои 3 килограми извршен откуп. Увозот на пченично брашно, пак, се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство со право на увоз на 1 килограм брашно на 4 килограми извршен откуп на пченица. Македонските мелничари неколку пати апелираа во ек на жетва да не се воведуваат ограничувања. -Ние бараме во ек на жетва да не се поставуваат бариери за слободен увоз на пченица, второ квотите кои се пуштаат од 12-ти месец од тековнта година да важат за целата година. Пазарот треба да биде слободен, и ние неколку пати апелиравме до надлежните во жетва да биде слободен пазарот, само така може да бидеме конкурентни на странското брашно. Тоа е и согласно правилата на СТО и ЦЕФТА, изјави Николчо Ѓорѓиев, претседателот на мелничко-пекарската индустрија при СКМ, неколку месеци пред да почне жетвата. Но од друга страна опстанокот на македонската мелничка индустрија е доведен во прашање поради нелојалната конкуренција од ефтиното српско брашно. Лани во Македонија се увезени над 40.000 тони пченично брашно, не само од Србија, туку и од Косово и Босна и Херцеговина Тивка трговска војна Мерката за увозот на пченица и брашно, само ја прееа чашата кај српските институции. Закани и сопки при трговијата од српска страна во трговијата со Македонија имаше и претходно.Стопанската комора на Србија ја обвини Македонија, дека  во текот на минатата година во Србија од Македонија биле увезени повеќе од 1,1 милион пилиња и значајни количини на сомнително месо од Бразил, каде што живината се храни со соја која што е генетски модифицирана. Обвинувањата беа отфрлени од македонските институции како неточни. Потоа истата комора ја обвини Македонија дека го стопирала увозот на српска пченица и брашно. Но увозот не беше стопиран, туку беа зајакнати контролите на граници поради сомнителни пратки за кои се покажа дека содржат тешки метали. Тогаш упатените во бизнисот  за Фактор, коментираа дека Србија на овој начин се обидува да и објави трговска војна на Македонија, поради односот на македонските надлежните институции во периодот кога беше аферата со афлатоксинот и во ситуации кога се чувствува загрозена од увозните производи и сака да го заштита на сопственото производство. Повеќе од јасно е дека со овие две неточни обвинувања, Србија сака да и врати на Македонија за аферата со афлатоксинот, коментираа дел од агробизнисмените, бидејќи македонските власти јасно и порача на Србија дека нема да дозволи увоз на срспки млека и млечни производи, се додека земјата не ги врати европските стандарди за дозволено присутво на токсинот во млекото. Ј.С

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.