Трилер-вечер со „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“
Објавено во: Мои пари 31 Октомври, 2024
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран вечерва (31 октомври), со почеток во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова.
Приказната во „Што се случи со Исидора?“ почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера. Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот. Шокирани од содржината на документот, на Долорес и на Исидора не им преостанува ништо друго, освен да се погрижат за наследството, но престојот во морничавата опатија, опкружена со шума и гробишта, за Исидора се претвора во кошмар. Почнува да гледа лица кои не треба да се таму и луѓе кои никој друг не се сеќава дека ги видел. Откако ќе забележи девојка која би требало да е мртва веќе шеснаесет години, Исидора почнува да пропаѓа во лавиринт од лудило и очај. Од секој мрачен ходник демнат спомени на негрижа, духови од декадентни забави и соништа со давење...
Во меѓувреме пристигнаа првите рецензии за книгата.
„Уште од почетните глави знаев дека ова ќе биде добра книга, не зашто не можев ни да претпоставам што навистина ѝ се случува на Исидора, ниту пак каде води приказната, туку зашто е умешно исткаена приказна, со комплексни ликови што лесно ти стануваат блиски, со кои сочувствуваш и кои можеш (и) да ги разбереш. И секако, готиката е јаготка на шлагот. „Што се случи со Исидора“ е готски роман. Не среќаваме многу такви на полиците со македонски автори. И не е ова страшна приказна само поради куќата со гаргојли и гробишта одзади, што некогаш била опатија со калуѓерки, капелата без распетие, а со стаклена чевличка на Пепелашка (и слични цинични декорации на сопственичката на имотот), туку поради тоа што и ти како читател не можеш да излезеш од мрачниот вртеж во кој Исидора почнува да се губи“ - вели Катерина Шошко во својот осврт кон романот.
Јана Мишо е писателка, блогерка, колумнистка и уредничка на женската рубрика „Off Café“ на „Офнет“ и необична урбана девојка вљубена во Скопје и во Париз. „Што се случи со Исидора?“ е прв готски трилер на Мишо, по популарните романи - „Скоро парижанка“, „Анаис од Монмартр“ и „Лулу“, како и на тин-серијалот „Јас сум Миа“.
Книгата „Што се случи со Исидора?“ веќе е во продажба во сите поголеми книжарници, а достапна е и за нарачка на www.literatura.mk.
ПР објава