Конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје: „Економски потенцијал и развојни можности на Македонија“
Објавено во: Мои пари 31 Октомври, 2024
Со кои предизвици се соочува реалниот сектор во време на интензивен развој на новите технологии и како геополитичките тензии влијаат на бизнисот? Зошто странски компании се заинтересирани за купување македонски банки и зошто не треба да се очекува дека каматите ќе паднат на нивото од пред пандемијата?
Овие теми беа во фокусот на првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“-„Back to business: Економски потенцијал и развојни можности на Македонија“ која се одржа во Скопје.
Во рамки на конференцијата се одржаа две релевантни дебати на клучни економски теми. На првиот панел насловен „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии“ дебатираа Душан Митрев, генерален директор на „Пивара Скопје“, Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 и Марија Дуковска Павловска, генерална директорка на „Макстил“.
На вториот панел „Пристап до пари во услови на глобални промени, кој го финансира растот?“ говореа Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ банка“ АД Скопје, Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, и Мирослав Марчев, управен партнер во ПвЦ (PwC) За Македонија.
На почетокот на конференцијата прецизна анализа на економската состојба во земјава даде Михаел Блажековиќ, аналитичар за макроекономија и пазари на капитал во „Блумберг Адрија“.
Според него, македонската економија идната година ќе забрза до три отсто во услови на натамошен раст на приватната потрошувачка. Инфлацијата и натаму ќе забавува и ќе се спушти под нивото од три отсто на годишно ниво, но цените на земјоделските производи и натаму се ризик поради сушата во текот на летото.
„Сувото лето, кое влијае на земјоделството, може да ги притисне и цените, со оглед на тоа што околу 37 проценти од потрошувачката кошница во Македонија е составена од храна, што е највисоко ниво во целиот регион Адрија. Сепак, другите инфлациски притисоци треба да се намалат, што ќе ја избалансира стапката на инфлација“, рече Блажековиќ.
Според него, главните ризици за растот и изгледите за инфлација остануваат од надворешна природа и се оние на кои малата и отворена македонска економија не може да влијае. Тука пред сè се мисли на кризата во Германија, која е најголем економски партнер на земјава.
„Тоа што се случува во Германија во моментов нема веднаш да се почувствува во земјава, но веќе во вториот квартал следната година може да доведе до негативни ефекти, не само во земјава туку на глобално ниво“, рече премиерот Христијан Мицкоски кој се обрати на отворањето на конференцијата. Од тој аспект, јасно е дека на земјава ѝ е потребна диверзификација на извозот, но тоа не може да се случи во краток рок.
„Прво вие не можете прекуноќ да промените еден систем што е граден со децении и немате волшебно стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа, потребно е да ги реализираме стратегиските цели на државата“, рече премиерот.
Стратегиска цел на Владата, според Мицкоски, е земјава да стане транспортна и енергетска крстосница во регионот.
„Наша предност се трите основни столба: како да бидеме крстосница за транспортен, железнички и енергетски пат. Тоа треба да биде наша огромна предност наспроти сите недостатоци. Ние сме природна крстосница на двата европски главни коридори, коридорите 8 и 10, и тоа мора да го искористиме како геостратегиска предност. Во спротивно нема да успееме и ќе бидеме потпросечни“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот побара од бизнис-заедницата во Владата да гледа сојузник, да се обрати секогаш кога е потребна помош.
„Ако вие, како бизнис, сте поуспешни, ние како влада ќе имаме повеќе пари во буџетот да им испорачаме на граѓаните, а ако граѓаните се задоволни од тоа што им го испорачуваме, можеби одново ќе нè одберат. Вака приближно треба да изгледа приказната“, порача Мицкоски.
А бизнис-секторот се соочува со редица предизвици. Недостигот од работна сила, зголемените трошоци во услови на намалена продуктивност, геополитичка нестабилност што влијае на синџирите за снабдување се само дел од нив.
На панелот „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии“ говорниците истакнаа дека автоматизацијата е реалност во земјава.
Генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, рече дека во челичната индустрија, иако е стара и традиционална, процесот на роботизација е веќе почнат затоа што помага пред сè во зголемување на безбедноста на работниците, а носи и редица други придобивки.
„Прво се прашуваме дали работната позиција е високоризична бидејќи се работи во една таква средина во која има големи ризици, високи температури, во секој момент има можност од некаква опасност. Оттука, тоа е првото прашање што си го поставуваме при носењето одлука каде и во што да инвестираме и каде и што да автоматизираме. Со автоматизацијата неминовно доаѓа до подобрување на безбедноста. Исто така имаме заштеда и на енергенти, сето тоа придонесува за зголемување на продуктивноста“, вели таа.
Според Методија Мирчев, главен извршен директор на А1, дигитализацијата и дигиталната трансформација се веќе завршена приказна и живееме во дигитален свет.
„Сакале или нејќеле, ние веќе имаме дигитален идентитет во тој дигитален свет. Таа технологија забрзува експоненцијално и, практично, како што поминува времето така новите технологии почнуваат да стануваат секојдневие“, вели тој.
Автоматизацијата пред сè се користи за задоволување на потребите на консументите, таков е случајот во „Пивара Скопје“. Станува збор за компанија што работи со многу обемни податоци, многу клиенти и големи нарачки, па процесот на автоматизација помага за оптимизација на производството.
„Овие алатки наоѓаат особена примена во маркетинг-сферата. Во тој дел имаме прилично напредни решенија, особено околу персонализацијата на пораките што стигнуваат до потрошувачите, а помагаат и за наоѓање иновативни продукти и услуги со кои би ги задоволиле нивните потреби“, вели Душан Митрев, генерален директор на „Пивара Скопје“.
Според претседателот на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, геополитичките тензии се уште еден извор на нестабилност. Од година на година светот влегува од една во друга криза, што влијае на цените и на работата на компаниите.
„Не бев чул за Хутите додека не почнаа да напаѓаат на коридорите по кои поминуваат бродовите и ги искомплицираа работите. Суровините што ги добиваме од Азија доцнат и по два-три месеци, а сето тоа влијае на раст на цените“, објасни тој.
Европската фармацевтска индустрија се соочува со итна ситуација затоа што еден дел од кафетинот се произведува само во Азија, ваквиот монопол придонесе цената двојно да се зголеми. Предизвик во претстојниот период ќе биде Европа да најде форма како суровините да си ги врати назад од Азија.
„Ние сме ценовно регулирана индустрија, нас нè регулираат државите и немаме простор за играње со цените. Затоа некои од компаниите се откажуваат од делови од своето портфолио затоа што е неисплатливо“, вели тој.
На вториот панел на конференцијата „Пристап до пари во услови на глобални промени, кој го финансира растот?“, говорниците ги коментираа монетарните политики и состојбите во банкарскиот и осигурителниот бизнис во земјава.
Според Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ банка“ АД Скопје, инфлацијата ќе оди надолу, но најновите анализи на банката за меѓународни порамнувања во Базел сугерираат дека доколку централните банки сакаат да останат сериозни во својата намера инфлацијата да ја одржат на целните нивоа, ќе мора да бидат внимателни со намалувањето на каматните стапки.
Според него, се предвидува дека структурните каматни стапки глобално ќе останат на нешто повисоко ниво односно од 3-4 проценти за Фед и нешто пониско ниво за ЕЦБ, со оглед на тоа што во еврозоната има проблем со економскиот раст, особено кај Германија.
„Оттука можеме да извлечеме заклучок дека од релевантни извори ни доаѓаат анализи што сугерираат дека не ќе можеме да ги видиме оние каматни стапки што ги имавме пред кризата од ковид. Тие ќе бидат на нешто повисоко ниво“, вели Стојановски.
Македонските банки се стабилни и, оттука, интересни за инвеститорите. Мирослав Марчев, управен партнер во ПвЦ (PwC) за Македонија, вели дека во ПвЦ постојано имаат клиенти и потенцијални клиенти, меѓу кои банкарски друштва и фондови што не се присутни на овие простори, а кои би сакале да имаат банка во земјава.
„Интерес има голем. Тука доаѓа прашањето зошто нема трансакции. Основната причина зошто нема нови трансакции се преголемите ценовни очекувања на сопствениците на банките“, вели Марчев.
Сепак, тој додава дека во ПвЦ очекуваат во одреден момент да има некакво раздвижување.
„Извесно е дека потенцијалниот купувач и потенцијалниот продавач ќе се договорат и трансакција ќе има“, вели Марчев.
За осигурителниот бизнис нема интерес како за банкарскиот сектор. Марчев вели дека засега нема компании од Македонија и од странство што би сакале да инвестираат во осигурителниот сектор.
„Зошто за банките се тепаат, а не за осигурителните компании. Според моите впечатоци, една од причините за тоа е што профитабилноста на осигурителниот сектор е многу ниска“, вели Марчев и објаснува дека најголем проблем е што во земјава не постои култура за осигурување.
Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, пак, вели дека осигурителната индустрија е таа што го овозможува растот затоа што ги охрабрува инвеститорите да инвестираат, со тоа што ги ослободува од грижата за ризиците
Во однос на соработката со банките, таа објасни дека, без разлика на моменталните трендови на каматните стапки, финансирањето на бизнис-проектите не поминува без соодветно осигурување.
„Верувајте, ниту еден проект нема да биде финансиран доколку зад него нема добро квалитетно осигурување што е во согласност со барањата на институцијата што финансира“, рече Томеска.
На вчерашна конференцијата „Back to Business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“ во Скопје говореше и директорката за содржина на „Блумберг Адрија“, Јелисавета Лазаревиќ. Таа истакна дека медиумот со своите 130 новинари и аналитичари нуди теми што даваат длабински анализи за состојбите на петте пазари (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија), но и глобално.
„Тоа што нè разликува е нашиот аналитички тим, кој секојдневно ни дава анализи и извештаи, кои, пак, вам ви овозможуваат да ги креирате своите бизнис-очекувања и во следниот период да носите одлуки што се важни за вашиот бизнис“, изјави директорката за содржина на „Блумберг Адрија“, Јелисавета Лазаревиќ.
ПР објава* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.