Добивај вести на Viber
Цената на пченицата на светските берзи паѓа, по која цена ќе се откупува македонската пченица?
Цената на житните култури на светските берзи умерено ќе се намалува, прогнозира Народната банка во најновиот јунски извештај. Според прогнозите на НБМ, цената на пченката ќе расте во побавно темпо, додека цената на пченицата ќе има умерен пад. Но за следната 2016-та година повторно се прогнозира пораст на цените на житните култури. Ваквите прогнози според НБМ, се резултат на постоењето на солидни нивоа на глобалните залихи, што пак ќе значи и пониски на храната.
-Оцената за цените на храната укажува на понизок раст на цената на пченката и умерен пад на цената на пченицата во текот на 2015 година и умерено повисок раст на цената на житните култури во 2016 година, што упатува на слични увозни притисоци преку овој канал врз домашната инфлација и условите на размена како и со априлските проекции.Според најновите оцени, цените на примарните прехранбени производи во 2015 година се ревидирани во надолна насока. Односно сега се предвидува пад ,наместо раст на цената на пченицата и побавен раст на цената на пченката, како резултат на очекувањата за добра жетва благодарение на досегашните поволни временски услови и постоењето солидни нивоа на глобални залихи, се наведува во јунскиот извештај на НБМ.
А токму движењата на цените на пченицата на светските берзи како што велат мелничарите ја одредуваат и откупната цена на домашен терен. Според информациите од мелничката индустрија,
во Србија од каде што најмногу увезуваме пченица, цената на житото е 130 евра за тон, е пониска во споредба со лани.
Земјоделците од третата средба со мелничарите излегоа со поделни ставови околу понудената откупна цена на лебното зрно. Мелничарите понудија минималната откупната цена на пченицата заедно со превоз и ддв да биде 11 денари за килограм. Мелничарите изјавија дека останатите цени за пониските класи велат мелничарите ке се одредуваат според правилникот за квалитет.
-За договор не станува збор бидејќи ние неколку пати сме кажале а и по Законот за монополско однесување ние немаме право да се договораме во врска со цената на пченицата. Дојдовме до некоја цена со ддв и превоз да биде 11 денари, и тоа да е пченица од која мора да се произведува брашно за леб. Се што е под тие критериуми според Правилникот за квалитет на житни култури ќе биде пониска цена, а она што значи подобар квалитет ќе достигне и повисока цена зависно од договорот помеѓу производителите и преработувачите. Ние ја понудивме таа цена, бидејќи исто толку не чини и пченицата увезена од Србија. Надвор од логиката би било ние да даваме повисока цена ако може да се купи поевтина пченица во Србија бидејќи треба да направиме конкурентен производ за македонскиот потрошувач и за кондиторската индустрија, изјави
Николчо Ѓорѓиев, сосптвеник на “Мак млин”.
За дел од земјоделците оваа цена е прифатлива, но посочуваат дека доколку не се постигне таа цена ќе бараат разликата да ја покрие Владата.
-Договор постигнавме, откупната цена на пченицата која ги задовулува минималните услови за производство на брашно франко-млин да биде 11 денари за килограм. Но ние не се откажуваме од барањето ако овие 11 денари се пониски од производната цена на пченицата, Владата тие средства, таа разлика да ја покрие.По ветувањето на министерот тоа ќе се случи по завршувањето на жетвата кога ќе се направат сите анализи и кога ќе се собере вкупната цена на пченицата и вкупните бруто откупени количества, ќе се најде просечната откупна цена, и тогаш ќе знаеме дали мелничарите платиле повеќе или помалку, вели
Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
-Оваа цена што се понуди не ги покрива производните трошоци за пченицата. Дел од земјоделците што бевме на средбата се изјанивме за оваа цена да не ја предаваме пченицата. Тие што имаме поголеми количества ќе ја чуваме, ние не сме задоволни од оваа цена. Јас за таа цена не ја предавам пченицата , ќе ја чувам во Агроберза или во некој друг млин, ќе чекам повисока цена, вели Драган Мицкоски, претседател на здрушението Аграр од Прилеп.
Жетва на пченица годинава со пониски приноси
Наспроти глобалните залихи и очекувања за добра жетва, во Македонија според проценките на земјоделците годинава жетвата ќе потфрли за околу 30 отсто. Причината за намалувањето на производството се лошите временски услови, односно поплавите што оваа година ја зафатија најголемата житница Пелагонија, и уништија голем дел од површините посеани со пченицата. Приносите наместо ланските 3 до 3,5 тони, годинава се очекува да бидат намалени на 2 до 2,5 тони. Земјоделците велат дека засега не можат да проценат каков ќе биде квалитетот на лебното зрно. Жетвата на јачемнот е веќе во полн ек, а за неколку дена треба да почне да се жнее и пченицата.
Според статистичките податоци производството на пченица и приносите по хектар од 2008 година се намалува. Бројките покажуваат дека во 2008 година производството изнесувало 291.719 тони, а во 2013 година е намалено на 258.960 тони. Податоците од Стопанската комора покажуваат дека од вкупните количини пченица кој мелниците во Македонија ги преработуваат, околу 60% е увозна, а 40% домашна откупена пченица.
Од друга страна последниве години е регистриран драстичен пораст на увозот на брашно. Така од 2011 година до лани увозот на брашно двојно се зголемил,а увозот на пченица бил најголем во 2012 –та година кога изнесувал дури 120.455 тони, пченица која била наменета за стоковите резерви.Во 2011 година биле увезени 29.947 тони брашно, лани увозот изнесува 40.361 тони. Само во првите три месеци од годинава во земјава од увоз влегле 7.861 тони брашно и 13.382 тони пченица, најголем дел од Србија.
Ј.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: