ТУРБО ЌЕ СЕ АСФАЛТИРА КИЧЕВО-ОХРИД И ЗИМОВО! Трајановски најавува амбициозен план - едниот правец целосно да биде пуштен во сообраќај пред летото
Објавено во: Економија 19 Ноември, 2024
За прв пат во Македонија се овозможува да се гради и во зимски период, односно градежните компании набавија адитив кој овозможува да се асфалтира и на пониски температури, напиша директорот на Државни патишта, Коце Трајановски на социјалните мрежи.
„На овој начин се продолжува и градежната сезона. Ако таа досега беше 6 до 8 месеци сега ќе имаме асфалтирање во период од 8 до 10 месеци во годината. Сето ова, пак ќе овозможи забрзување на проектите и зимските услови во наредните месеци нема да бидат пречка да продолжиме со асфалтирањето. Досега зависевме од условите на времето кое на ниски температури налагаше да се прекине со асфалтирање. Оваа зима и во месеците што следуваат ќе продолжиме со асфалтирање и тоа на автопатот Кичево – Охрид каде што има тројца изведувачи, едниот е ‘Гранит’, вториот е ‘Илинден – Струга’, а третиот е самиот ‘Синохидро’, со што ќе овозможиме Кичево – Охрид пред летната сеозона догодина да го пуштиме во употреба, ако не во двата правци, тогаш едниот да биде целосно асфалтиран и пуштен во сообраќај“, напиша тој.