Добивај вести на Viber
Туристичкото одморалиште Претор, на брегот на Преспанското Езеро, веќе трет ден е без вода за пиење. Се жалат и жителите, на кои ова им ја расипува туристичката сезона, но и туристите.
„Нема никакви услови за живот тука. Моментално тука има семејства со деца, дошле на одмор во викенд-куќите. И ова не е прва година да е вака. Минатата година вода немаше 5-6 дена. Луѓето си заминуваат, а туристичково место се уништува“, вели туристот Петар Трајковски за ТВ 24 Вести.
Проблемот со водоснабдувањето на Претор се јавува во текот на летните месеци, кога мора да се вклучат пумпите за вода. Причина е нерешениот спор околу плаќањето на сметките за струја меѓу локалното комунално претпријатие и Тутунскиот комбинат од Прилеп, фирма во чиј објект се сместени пумпите.
Од ресенскиот „Водовод“ најавуваат дека наскоро проблемот ќе се реши, затоа што бил поставен нов струјомер за да утврдува колку точно струја трошат пумпите. Но, тоа не го спаси локалното население од прекини во водоснабдувањето оваа сезона.