18 Мај, 2024
0.0278

Голема е тутунарската мака, ама ќарот е мал!

Објавено во: Агробизнис 15 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Дел од откупувачите пунктовите ги отворија уште пред неколку недели, но законскиот официјален откуп почнува од денеска. Иако годинава се најавуваа високи откупни цени и реални проценки, тутунарите се жалат дека понудените цени ни од далеку не соодвествуваат со квалитетот на годинешната реколта. Откупната цена за прва класа тутун е 250 денари за килограм, за втора класа 179 денари за килограм, трета класа се откупува по 135 денари за килограм, а четврта класа е 55 денари за килограм. Тутунарите велат дека во просек цената се движи од 130 до 155 денари за килограм, а откупувачите си дозволуваат да проценуваат една класа подолу за да не платат повисока откупна цена. Револтот е голем речиси кај сите тутунари од земјава. Тутунарите од прилепскиот регион велат дека просечната откупна цена треба да биде 190 денари за килограм.
„Проценката е нереална, тие очигледно сакаат без пари да им го дадеме тутунот. Една класа ни кратат. Реалната просечна цена треба да биде 190 денари за килограм , а не 130 денари“, вели тутунар од прилепско.
Лани просечната откупна цена беше од 180 до 190 денари за килограм. Тутунарската приказна почнува од раните утрински часови Лист по лист нижи, корен по корен сади, цела година работа на нива- тутнарската мака е голема, а на крајот ќарот не ги покрива ни основните трошоци, раскажуваат тутунарите. Алија Сали од скопско Студеничани цели 50 години сади тутун. Потекнува од тутунарско семејство, а тој ја продолжил традицијата. Целото семејство е ангажирано околу тутунот, тоа им е единствената егзистенција.
„ Јас пораснав во тутунарско семејство и ја знам маката тутунарска. Како сега се сеќавам кога како деца родителите ќе не разбудеа во три часот по полноќ да одиме на нива да го береме тутунот, па потоа лист по лист да го нижиме. И тоа и сега продолжува. Работа има цела година, во март сеење во леи, потоа садење корен по корен, па берба, па нижење. Ние не бараме работа во администрација, само бараме да ни се цени трудот“, раскажува Алија Сали.
Алија е претседател на Здружението на тутунари од скопско Студеничани. Годинава има за предавање 1.500 килограми тутун. Вели дека со сегашната цена не може да се покријат ни основниите трошоци, а за профит не станува ни збор.
„Проценката е нереална, јас лично поднесов и жалба до октупувачот, но не ми ја прифатија. А квалитеот е ист како лани, одличен, затоа и очекувавме дека цените ќе бидат како ланските кога проценките беа реални и не ни се кратеше на класите. Го проценуваат на пониски класи, плќаат по 55 денари за килограм, па пари ли се тоа? Годинава дури не го примаат ни вишокот тутун. На пример ако претходно сум пишал 1.000 килограми, а носам 1.500 килограми, вишокот нема да ми го откупат. Лани имавме виоска цена и плус субвенциите добивавме добра сума, сега не е така. Со вакви цени мислам дека тутунарите следната година ќе садат помалку“, објаснува Сали.
Ресорниот министер најави засилени контроли на откупните пунктови Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски деновиве им порача на откупувачите да го почитуваат законот. Тој изјави дека има потврда линија на проценка.
„ За разлика од минатата и претходната година, оваа година имаме пример на една малку потврда линија на проценка од страна на откупувачките компании, но таа иако е таква, доколку е таква, ќе треба да биде во согласност со законот“,изјави Димовски, кој пред неколку дена присуствуваше на еден од откупните центри во прилепско.
Од Државниот инспекторатот за земјоделство најавија дека при откупот ќе ја следат регуларноста и проценката, и ќе интервенираат при секоја реакција на тутунарите и откупувачите. Од друга страна министерот Димовски вчера порача политиката да остане надвор од земјоделството, оти штета ќе имаат тутунарите. Тој изјави дека годинава откупните компании, ако одредена количина во однос на квалитетот е меѓу втора и трета класа, ја ценат како трета класа.
„Не треба да постои сомнение дека Министерството во целост ќе ги штити интересите на тутунарите. Нашата крајна цел е подигнување на просечната откупна цена која моментно е 10 отсто пониска од овој период лани. Сакаме да се задржи или, уште подобро, да се забрза динамиката на откуп, да се зголеми просечната откупна цена и откупот да се врши регуларно, без тензии и нервози, како претходните години, изјави Димовски.
Според податоците од ресорното министерство, годинава треба да се откупат 35.000 тони за откуп, а производството се проценува на 30.000 тони. Според проценките, реколтата вреди околу 80 милиони евра. Лани беа откупени 27.000 тони тутун. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?