Добивај вести на Viber
Украина денеска гласа на вонредни претседателски избори за избор на нов шеф на дсржавата. Но, граѓаните на источните градови Доњецк, Луганск и Славјанск не можат да гласаат затоа што во овие градови не биле испорачани гласачки ливчиња, соопшти Централната изборна комисија на Украина.
Според изборните органи, ситуацијата на терен не дозволува во овие места да се испорачаат гласачки ливчиња и невозможно е да има гласање. Граѓаните од источна Украина кои сепак сакаат да се изјаснат за нов претседател, тоа можат да го направат само преку интернет.
Локалните сепаратистички организации во овие региони најавија дека нема да дозволат изборите да се одржат таму, а речиси сите гласачки места не се отворени.
Без учество на граѓаните од Крим и Севастопол, кои неодамна се приклучија кон Русија, право на глас на изборите во Украина има 33,7 милиони избирачи, од кои 3,3 милиони се во Доњецк, а 1,8 милиони во Луганск.
Властите на двата региони вчера потпишаа меморандум за формирање на заедничка држава „Нова Русија“ и соопштија дека не го признаваат ниту претседателот, ниту Парламентот на Украина.
Главен фаворит на денешните претседателски избори во Украина е милијардерот Петро Порошенко, а значително зад него е поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко.
Според најновите резултати од анкетите, 45% од гласачите ќе го поддржат Порошенко, додека 7,5% својата доверба и ја даваат на Тимошенко. Потошенко, уште познат како “крал на чоколадите“, има кондиторска индустрија, конфекција, ТВ канал, фабрика за автомобили и бродоградилишта, а ја ужива поддршката и на поранешниот боксерски шампион Виталиј Кличко, лидер на опозициската партија УДАР.
На изборите нема минимална стапка за излезност, а доколку ниту еден од 18-те кандидати не освои повеќе од 50% од гласовите, двајцата најдобри ќе одат во втор круг на 15-ти јуни.
http://www.youtube.com/watch?v=0rpmqtEpPDs
Инаку, денешниот изборен ден, го одбележа и убиство на италијански новинар. Новинарот Андреа Ронкели загинал во минофрлачки оган на истокот на Украина, потврди италијанското Министерство за надворешни работи.
Во инцидентот што се случил во Славјанск, загинал и преведувачот на Ронкели, како и еден руски државјанин, додека еден француски државјанин е повреден и се наоѓа во болница.