УРЕДБАТА ДОПОЛНЕТА: Дали ова ќе ги спаси работните места?
Објавено во: Економија, Корона Вирус 01 Мај, 2020
Со дополнување на Уредбата за поддршка на платите за април и мај, се потврдува, гарантира и засилува владината политика за спас на работни места и за достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците, информираат од Владата.
Во продолжението на 48-мата седница на Владата што се одржа денеска, 1 мај, донесена е измена на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работниците и работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, поради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.
Со неа се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците.
Со промените, усогласени со синдикатите и граѓанските здруженија за заштита на работничките права, се утврдува дека работодавачот кој ќе користи финансиска поддршка за исплата на плати, не смее да го намали бројот на вработени во месец април 2020 година, како и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година), освен заради:
- пензионирање и смрт на работник,
- откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
- откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
- спогодбено преземање на работник,
- престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
- престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
Уредбата определува дека вкупниот број на вработени на кои по исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од:
- 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
- 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
- 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
На продолжението на оваа своја седница Владата донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба.
Со ова дополнување се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално осигурување, со што ќе се намалат последиците од настанатите состојби во овој период.
Работодавачите кои ќе се согласат на ретроактивно вработување на лицата на кои им престанал работниот однос во периодот од 11 март до 30 април, тоа ќе можат да го направат до 7 мај, и на тој начин да ги исполнат критериумите за да се стекнат со правото на користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај.
Социјалниот дијалог што го води ССМ со Владата и аргументираните барања даваат резултати, истакнува Сојузот на синдикати во соопштението кое уследи по објавата на Владата дека се изменети двете уредби.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.