Уште еден несмасен гаф на луѓето на Гаши? Зошто претседателот на Собрание службено купува 30 ЛЦД телевизори и 12 инверетер клима уреди?
Објавено во: Економија 16 Септември, 2024
Во називот на јавната набавка стои дека 30 ЛЦД телевизори со 80 сантиметарски екрани (во дијагонала н.з.) се набавуваат (цитираме) „За потреби на Кабинетот на претседател на Собрание“. Според усното објаснување што го добивме од прес службата на Собрание набавката на телевизори била за потребите на Собранието, а не за Кабинетот на Гаши.
Кабинетот на Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание распиша тендер за набавка на 30 ЛЦД телевизори со екран 80 сантиметри, 12 инвертер клима уреди и професионален фотоапарат со соодветен објектив. Официјална потврда за набавката во чиј наслов пишува За потребите на Кабинет на претседател на Собрание може да се најде на овој линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/noticesкога ќе се побара јавната набавка со шифра 14371/2024 чиј назив во целост гласи Телевизори, уреди за ладење и греење и фотографска опрема за потребите на Кабинетот на претстедателот, а ја распишува републичкото Собрание.
„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавност достави прашање до кабинетот на Африм Гаши во кое праша дали оваа набавка е стриктно за потребите на кабинетот на Гаши или пак е набавка за потребите на Собранието која оди преку Кабинетот на Гаши.
Од Собрание добивме одговор дека телевизорите се набавувале за потребите на целото Собрание, а не за кабинетот на претседателот.
„Во врска со вашето прашање, ве информираме дека набавката на телевизорите е за потребите на Собранието, додека за потребите на Кабинетот на претседателот на Собранието е фотоапаратот“, ни рекоа од таму.
Голем сомнеж на целата постапка фрла и тоа што Кабинетот на Гаши во тендерот не бара електронска аукција. Во тендерската документација е наведено дека не е потребна електронска аукција што всушност значи дека понудувачите нема да лицитираат и да ги снижуваат цените туку ќе се споредат понудите и од тие што исполнуваат услови ќе се одбере најниската цена. И тоа ќе биде случај за сите делови на тендерот односно за телевизорите, за клима уредите и на фотоапаратот и објективот.
Дури и да е тендерот со несмасно име односно телевизорите да се за потреби на Собрание, сепак луѓето на кои Гаши им укажал доверба дека ќе работат транспарентно и законски ќе треба да објаснат зошто е изоставена електронската аукција од овој тендер.
Истражувањето на пазарните цени што го направи „Фактор“ покажа дека за телевизор со големина од минимум 32 инчи (80 сантиметри дијагонала), резолуција 1336х768 пиксели, стерео озвучување и гаранција од 24 месеци цената се движи од 12.000 денари до 30.000 денари во зависност од сите електронски додатоци и од производителот. Тоа значи дека во најмала рака тие 30 телевизори според пазарните цени на „Сетек“ и „Нептун“ ќе чинат повеќе од 6.000 евра.
Заедничко за клима уредите е тоа што сите 12 се инвертер, а 9 од нив се со помала јачина од 3,5 киловати, а 3 се со јачина од 7 киловати.
Претседателот на Собранието од неговото назначување до сега беше предмет на критики во македонската јавност заради гафови кои ги предизвика во првиот случај неговото обезбедување на скопскиот аеродром, а во вториот случај неговиот протокол со преминувањето на македонско-косовската граница во службен режим за приватни цели на Гаши.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.