Уставен в понеделник се простува од Гошева, СЈО не е на дневен ред
Објавено во: Македонија 26 Октомври, 2016
Наместо за в среда во 9 часот, Уставниот суд ја закажа следната седница за разгледување на иницијативи за понеделник, 31 октомври, во 9 часот.
Ова ќе биде последен ден од мандатот на актуелната претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева. Нејзината функција од 1 ноември ја презема судијата Никола Ивановски, кој на оваа позиција беше избран во понеделникот минатата недела.
Во неговиот мандат ќе остане иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година чека за да биде разгледана.
Актуелни иницијативи се и тие за оценување на уставноста и на законитоста на решението на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за распишување на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, што вчера ја поднесе партијата на Гзим Острени од Унитети.
Овие две иницијативи, според интернет-страницата на судот, не се на дневен ред на седницата која ќе се одржи в понеделник.
На агендата се седум иницијативи, едно барање за заштита на права и еден предлог за одлучување.