Утре стартува манифестацијата „Пивтијада 2014“ во Крива Паланка
Објавено во: Мои пари 18 Јануари, 2014
Подготвени се пивтиите за годинашната манифестација „Пивтијада“ која во организација на локалната самоуправа по петти пат ќе се одржи утре на градскиот плоштад во Крива Паланка.
И годинава, четврти пат по ред, задолжени за приготвување на пивтиите се учениците од угостителската струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.
Традиционалниот специјалитет се приготвува неколку дена во кујната при домот за ученици „Боро Менков“, каде идните угостители ја изведуваат практичната настава во текот на целата година.
- Потребните намирници, годинава тоа се 150 килограми телешко и свинско месо, како и секогаш ги обезбеди општината, а под менторство на предметниот професор Дане Петровски и искусниот готвач од кривопаланечко Војо Величковски, на традиционален начин се зготвени вкусни пивтии, истакна директорот на СОУ „Ѓорче Петров“, Миле Милковски.
Околу 5.000 парчиња пивтии се подготвени за дегустација на централната манифестација која ќе се одржи утре, на големиот христијански празник Богојавление-Водици, а ќе започне во 11 часот, веднаш по чинот на фрлање на светиот крст во водите на Крива Река.