„ВЕ МОЛИМЕ ЕВАКУИРАЈТЕ СЕ...АКО МОЖЕТЕ“ Страшни сцени низ Европа, расте бројот на загинати, многу градови блокирани и поплавени
Објавено во: Свет 17 Септември, 2024
Невидени поплави предизвикани од циклонот Борис ја погодија централна Европа. Најмалку 15 лица загинаа, а пороите се уште носат се пред себе. Илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија. Во Будимпешта во тек се подготовките за „поплавата на деценијата“.
Во Полска автомобил во кој се превезувале родители со деца бил однесен од порој. Градоначалникот на Будимпешта предупреди дека на градот му се заканува најголемата поплава во претходната деценија.
Патниците и членовите на екипажот се заробени на брод за крстарење во Австрија. Австрискиот канцелар Карл Нојхамер објави дека околу 2.400 војници се во подготвеност. Пукна брана во Полска, во близина на границата со Чешка. Во Хрватска нивото на Дунав се очекува да порасне за 6 метри.
Ова се сумираните податоци кои го одбележаа понеделникот, 15 септември, а кои ја засегаат Европа каде циклонот Борис создаде општ хаос.
Жртвите се бројат, штетите се огромни, а во некои европски градови се е запрено. Изгледа како да нема крај на катастрофата.
Веројатно една од најпотресните пораки доаѓа од Полска.
Градоначалникот на Ниса, град со повеќе од 40.000 жители во јужна Полска, ги повика жителите веднаш да се евакуираат откако беше оштетен блискиот насип.
„Ве молиме евакуирајте ги вашите работи, себе си, вашите најблиски. Веднаш одете на повисок кат бидејќи бранот може да биде висок и неколку метри. Тоа значи дека целиот град ќе биде поплавен“, напиша градоначалникот Кордијан Колбијарз.
Четворица се потврдени мртви во Полска, иако портпаролот на Министерството за внатрешни работи рече дека точната причина за смртта на сите допрва треба да се утврди.
Во Австрија две лица на возраст од 70 и 80 години починаа на североистокот на земјата.
Еден од нив, жител на градот Хеберсдорф, изгледа се обидувал да испумпа вода од станот кога се удавил, јавуваат австриските медиуми.
Осум смртни случаи беа регистрирани и во текот на викендот во Полска, Романија и Австрија, каде што еден пожарникар загина за време на спасувачка операција.
Екстремните врнежи се зачестени во Европа, но и во поголемиот дел од светот, поради климатските промени.
Иако условите се стабилизирани во некои делови од централна Европа, други региони се подготвуваат за можна опасност.
Во Словачка Дунав се поплави во Стариот град на главниот град Братислава, а локалните медиуми јавуваат дека нивото на водата надминало девет метри и се очекува дополнително да се зголеми.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на IX напиша дека ги одложил сите меѓународни обврски „поради екстремните временски услови и поплавите во Унгарија“.
Најмногу врнежи имало во Чешка.
Во североисточниот град Јесеник, до четврток наутро паднале 473 милиметри - пет пати повеќе од просечните врнежи за еден месец.
Чешката престолнина Прага не сака да ризикува по поплавите кои го опустошија градот пред две децении.
Патиштата се главно непроодни, а железничкиот сообраќај е во прекин во многу делови од земјата.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека за настраданите од поплавите ќе бидат доделени една милијарда злоти, што е повеќе од 200 милиони евра. Тој додаде дека Полска ќе аплицира за помош од фондовите на ЕУ.
Birds eye view of Nysa in Poland. I hope everyone has managed to evacuate pic.twitter.com/fFgMdIFZNH
— Volcaholic (@volcaholic1) September 16, 2024
Полска во понеделникот прогласи состојба на природна катастрофа за да може полесно да се одговори на вонредни ситуации и да се добијат средства од ЕУ.
Во понеделникот наутро, градоначалникот на Пачков во југозападна Полска ги повика жителите да се евакуираат бидејќи водата почна да се излева во блискиот резервоар, заканувајќи му се на градот.
Меѓутоа, во другите делови на Полска, според локалните власти, нивото на водата сега опаѓа.
Фото: Принтскрин/Твитер
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.