Вељаноски во пресрет на 11. октомври повика на единство и надминување на разликите
Објавено во: Македонија 10 Октомври, 2016
Единаесетти октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Македонија на патот кон слободата, сподели вечерва претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на свечената академија по повод 75годишнината од Денот на народното востание 11 Октомври.
Вељаноски повика на унапредување на единството помеѓу политичките партии и унапредување на развојот на државата. Цената која беше платена да се извојува слободата е преголема, рече Вељаноски, потенцирајќи дека извојуваната државност мораме да ја сочуваме и да ги унапредуваме вкупните прилики, но се е потешко доколку отсуствува единството.
Претседателот на Собранието повика на унапредување на единството помеѓу партиите и надминување на разликите.
- Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден, рече тој, и побара од политичките елити поотворена соработка и уште поголем развој и демократска иднина на Македонија, смета Спикерот.
- Нашите политички разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија. Не смееме да говориме за „наши“ и за „ваши“ кога станува збор за Македонија, која е нашата единствена партија и единствена програмска платформа, рече претседателот на Парламентот.