Добивај вести на Viber
Еден 46-годишен маж загина, а четири лица, од кои две жени, се повредени, кога граната од Украина погодила две куќи во рускиот регион Ростов, објавија руските медиуми. Украинските власти демантираат дека нападот дошол од украинска страна.
Претставникот на регионалната влада во Ростов Александер Титов изјавил дека гранатата во пет часот наутро по средноевропско време, паднала врз две куќи во Доњецк, руски град со исто име како оној во Украина. Во нападот е убиен еден Русин, а сите настрадани се цивили, рекол Титов.
Вршителот на должност украински амбасадор во Русија бил веднаш повикан во руското Министерство за надворешни работи, каде што му била врачена остра протестна нота, во која нападот се оценува како „очигледно агресивен чин“ и се предупредува на „можни непоправливи последици“ од инцидентот кој Москва го смета за „сериозна провокација“.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Григориј Карасин ветил „строг и конкретен“ одговор на гранатирањето на руската територија.
„Ние во моментот ја проценуваме ситуацијата, а стравуваме од ризикот за опасна ескалација на судирите и напнатоста на руско-украинската граница, што ги доведува и нашите граѓани во огромна опасност“, рекол Карасин, кој додал дека острареакција ќе следи по деталната анализа на ситуацијата.
Националниот совет за безбедност на Украина веднаш изјави дека украинските трупи немаат никаква врска со гранатирањето и дека се наоѓаат на операции во источна Украина. „Украинските војници дефинитивно не ја гранатираа руската територија. Не пукавме ние!“, вели Андреј Лисенко, официјален претставник на информацискиот центар на Националниот совет за безбедност на Украина.
http://www.youtube.com/watch?v=aLTlbmGD_8E