(ВИДЕО) По примерот на студентите, средношколците кажаа „Стоп за лошите реформи“
Објавено во: Македонија 19 Март, 2015
Илјадници средношколци обединети како никогаш досега следејќи го примерот на студентиве кои беа упорни во своите барања денес низ улициве на Скопје и ширум земјава излегоа на марш да го искажат незадоволството и да кажат„Стоп за лошите реформи“.
Со транспаренти, свирчиња, флаери и чиста мисла во глава излегоа на првиот протестен марш пред надлежните институции и уште еднаш порачаа “стоп за лошите реформи во образованието”.
Според средношколците, ресорното министерство безусловно треба да го стави во мирување најмалку една учебна година „екстерното оценување“ и да почне сеопфатна дебата за негово подобрување, независно од формата на неговата организација и реализација, затоа што тоа во сегашниот формат не го подобрува квалитетот на образованието.
“Она што сакаме да им го порачаме на надлежните институции е дека ниту екстерното тестирање, ниту новиот концепт за Државна матура не се во полза на учениците. Сакаме надлежните да ги слушнат и позитивно да одговорат на нашите барања, сакаме да го слушнат нашиот став, да ги слушнат нашите аргументи кои што се сосема издржани и одат во корист и полза на образованието, целат кон поквалитетно образование. Екстерното оценување е вистински стрес, а оценувањето се сведува во форма на еден завршен испит со формат на „квиз“ составен од 30 прашања од наставната програма за тековната учебна година ”-изјави матурантката Александра Филипова од скопската гимназија “Никола Карев”.
Според неа, на матурантите не им е потребно постојано проверување со еден дел на полугодие, а и дополнително екстерно тестирање од државата по нови два предмети. Тие бараат нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, доверба, преиспитување и креирање вредности. Оценките од екстерното тестирање, потенцираат учениците, не се едноставна ниту наивна одлука бидејќи влегуваат во свидетелствата и влијаат врз успехот на учениците. Затоа, според учениците мора првично да се создаде амбиент во кој секој граѓанин ќе стане свесен за својот личен придонес кон општествениот развој, а паралелно да се чуе гласот на средношколците околу евентуалното креирање на нови законски решенија. Дополнително, интерните средношколски пленуми треба да одлучат како правно да делуваат во услови на постојани притисоци и закани за нивните членови, за да се заштити дигнитетот и уставно загарантираното право на протест.
До пред самиот почеток на маршот средношколците се соочуваа со закани, притисоци, јавувања од сите страни но сепак останаа на ставот против според нив, лошите реформи во образованието.
“Секојдневно добиваме закани дека нема да ни дадат да полагаме матура, ќе имаме намалено поведение, нашите активности ќе се одразат на нашиот успех но и врз нашите родители. Мајка ми работи во јавно претпријатие и неколку пати досега кога од страна, кога директно ми беше посочено дека сето ова ќе ми се скрши од глава. Да внимавам. Но сепак денеска ќе бидам со моите другарки на протестот. Ништо нема да ме поколеба да бидам дел од ова движење за поквалитетно и подобро образование”- изјави ученичката пред почетокот на маршот .
И покрај незадоволството и реакциите на учениците, бојкот на наставата нема да има бидејќи тие сакаат вистински и реални промени кои ги постават темелите на новиот образовен систем.
Дали ќе бидат прифатени нивните барања очекуваме деновите да се произнесе со став и Министерството за образование.
Како помина денешниот мирен марш на средношколците погледнете во видеото!
[embed width="700" height="450" ]https://www.youtube.com/watch?v=Il5eKU07pGc[/embed]