25 Ноември, 2024
0.0305

ВЛАДАТА ГИ ОТВОРИ КАРТИТЕ ЗА ПОМОШТА, НО ДАЛИ СЕ СРЕЌНИ БИЗНИСМЕНИТЕ - поблиску сме до идејата наместо директни субвенции, да даваме бескаматни кредити за фирмите

Објавено во: Македонија 02 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Владата ги отвори картите. Таа е поблиску до опцијата во петтиот пакет мерки на фирмите како помош да им дава бескаматни кредити со три години период на враќање, но и можност 30 отсто од овој кредит да се претвори во грант, со цел тие да го задржат бизнисот и работните места, наместо да им дава директни државни субвенции за исплатата на платите на своите вработени.

Ова им било соопштно на работодавачите и на синдикалците на средбата која тие ја имаа на сесијата на Економско социјалниот совет, како еден од моделите што би можел да се прифати во петтиот сет.

Тоа го потврдија и самите работодавачи, по средбата на партнерите во Економско социјалниот совет, но вчера вечерта во гостување на Телевизија 24 го потврди и самиот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи.

ДИРЕКТНАТА ПОМОШ ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ БАРА ГОЛЕМА БУЏЕТСКА СУМА

Ангел Димитров, прв човек на Организацијата на работодавачи, за Фактор изјави дека оваа опција, односно замена на директната финансиска поддршка за плати со бескаматни кредити, се уште е на ниво на консултации меѓу социјалните партнери, односно е идеја на Владата која се уште не е готова пишана верзија на евентуално законско решение кое би го креирала Владата.

„Тоа се уште беше на ниво на една консултативна седница. Се уште не беше во пишана форма, иако имаше презентација од Владата на новиот модел, односно бескаматните кредити, со можност 30 отсто од тој кредит да се претвори во грант од 30 отсто, иако се уште не се јасни критериумите за тоа“, објасни Димитров.

Причина зошто Владата би одела со промена на мерката е што, како што објаснил Битиќи, директната помош за исплата на плати е многу обемна мерка, која бара висок износ на пари, што е големо оптоварување на државниот буџет.

На ова Димитров и објаснил на Владата дека мерката бара големи буџетски пари бидејќи државата од буџетот ги субвенционира сите вработени, односно и тие што седат дома, и тие што одат на работа.

„Секаде во Европа се субвенционира само оној дел од бизнисот, оние дејности кои не работеле токму поради ковид пандемијата и онолку време колку што не работеле. На пример, ако некој работник од осум часа работно време не работел четири часа, тогаш треба да се субвенционираат само тие четири часа, а во спротивно ќе бидат големи издатоците на државата. Значи, субвенциите да одат таму каде што има изгубена работа заради ковид пандемијата, дали е тоа поради скратено работно време, дали поради скратени синџири на испорака, дали поради болест, самоизолација не работеле некои работници, и слично“, објаснува Димитров.

Според него, од Владата рекле дека ќе бидат разгледани и овие опции.

ВЛАДАТА Е ПРЕД ДВА МОДЕЛИ - ДОСЕГАШНИОТ И БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ

Фактор бараше од Владата детално објаснување за нивните нови педлози за петтиот сет мерки. 

„Процесот на консултации и координација за петтиот пакет мерки со сите засегнати страни се уште трае и истиот се уште не е комплетно дефиниран. Модалитетот на носење на повеќе пакети за економска поддршка ни овозможува да можеме да мериме и анализираме ефекти и да се прилагодуваме на показателите. На 3 до 4 месеци носиме мерки кои проактивно им помагаат на стопанството и граѓаните“, се вели во одговорот што го добивме од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи.

Она што е најважно, оттаму велат дека финансиска поддршка за платите ќе има и во петтиот пакет, но со изменет модалитет. 

„Финансиска поддршка за поддршка на плати ќе има и во петтиот пакет на мерки но веројатно со изменет модалитет, според реалните потреби на движење на економијата и нејзините показатели и секако спас на работните места“, се вели во кусиот одговор што го добивме. 

Но затоа вицепремиерот Битиќи тоа убаво го објасни за ТВ 24, а од неговиот одговор може да се разбере дека Владата е сепак поблиска до опцијата државната помош да се замени со бескаматни кредити.

„Сите пакети мерки беа донесени по исцрпни консултации со тие на кои им се наменети, а тоа се работодавачите и работниците, како и на сите други засегнати страни“, рече Битиќи.

Од неговиот настап можеше да се забележи дека тој смета дека на состанокот не биле добро разбрани владините идеи.

„Денеска за жал повторно преовладува мислењето дека не сакаме да прочитаме онака како што изворно се кажани работите. Оваа Влада никогаш не кажала дека нема да има поддршка на стопанството и на работниците. Туку сме кажале дека ќе продолжи поддршката на стопанството, бидејќи се тие генератор на развојот и ќе се грижиме за секое едно работно место. Ние и претходно сме немале субвенции за платите, ние сме имале финансиска поддршка за плати, и таа имала критеруми кои требало да се исполнат за да станат или субвенција, или да се вратат и да бидат кредит. Значи, со финансиската поддршка сме правеле еден вид кредитирање на стопанството за поддршка на работниците, притоа им кажувавме кои се условите за дел од помошта или целата помош да станат неповратни, и со уредбите и со законските решенија. И тоа е првата заблуда која е настаната, сите велат дека имало неповратна помош, а не е точно, ние зборувавме за финансиска поддршка“, рече Битиќи.

Прашан да одговори конкретно, тој рече дека Владата сега ќе избира меѓу два модели - досегашниот, и бескаматните кредити.

„Еве можам да кажам пред јавноста - во делот на финансиската поддршка за плати преовладуваат два концепти. Еден е тој што го имавме. Тука податоците покажуваат дека во првиот месец, април, кога ја дадовме поддршката линеарно за сите по 14.500 денари за работно место, имавме 128 илјади корисници, односно работници, толку плати беа поделени. За да дојдеме до месец декември, каде што се поделени само 60 илјади плати, односно имало само толку барања, значи во голема мерка намален број на компании. Или, во април сме имале барања од околу 21 илјади компании, за да дојдеме до 10 до 11 илјади компании“, вели Битиќи.

Според него, податоците покажуваат дека големиот пад во вториот квартал не се случуваше во третиот и четвртиот квартал од годинава.

„Затоа, за поддршка на исплата на платите, нудиме и еден нов модел, надвор од досегашниов што го имавме до декември, а тоа е да понудиме преку Развојната банка финансиска поддршка преку кредити кои имаат нула камата, тоа значи дека каматата ја субвенционира државата, бидејќи нема кредит со нула камата, и им даваме на компаниите 12 месеци грејс период, како и период од три години на враќање на средствата, под услов - ако покажат негативни резултати, ќе продолжат да си го враќаат кредитот, а ако покажат позитивни резултати, 30 отсто од тоа станува неповратен грант. Значи, мерката оди во духот на тоа што јас го најавив, а тоа е дека 2021 година треба да биде година на заздравување и рестарт на економијата“, рече вицепремиерот.

Во моментов на маса се и двата модела. Според Битиќи, ќе преовладее моделот за кој сметаме дека во овој момент навистина ќе ги даде најдобрите резултати. Ќе се избере еден модел, бидејќи Владата смета дека не можат да функционираат два модела во исто време.

СЕГА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ОПСТАНОК, ТУКУ НА РАЗВОЈ

„Овој модел со бескаматните кредити е ист како и финансиската поддршка за плати. Сите кои до декември имаат земено финансиска поддршка, имаат обврска веќе до септември да ја вратат, или одредени средства, ако не ги исполниле условите. Значи, обврската постои, со тоа што овде велиме – дали е возможно да креираме еден инструмент во кој, на крај на денот, дури и враќањето на парите, пак ќе значи поголеми средства за стопанството. А тоа е улогата на Развојната банка. Бројките не велат дека сега е прашање на опстанок, туку укажуваат на опоравување, дека веќе го надминавме тој период. Затоа ние сметаме дека можеби тој модел треба да преовладее, бидејќи го следи трендот на раст и развој, а дополнително, ако се случи третиот бран на пандемијата, кој сега е во опаѓање, но ако се случи, ќе има нови мерки. Ние сме една од ретките земји не само во регионот туку и пошиоко, кои имаме донесено најмногу економски пакети“, рече Битиќи.

Одговорноста за заштитата на работните места, според вицепремиерот, не е и не може да биде единствено на Владата. Тој смета дека таа треба да помага, но сепак не е во улогата на работодавачите.

Вели и дека власта и новата мерка финансиски ќе ја чини исто како и помошта.  

„Финансиски исто ќе не чини, само механизмот го менуваме. Ако просечно во претходните месеци сме потрошиле по 12 милиони евра, истото ќе не чини и со оваа мерка, буџетски пари за бескматни кредити“, рече Битиќи.

Битиќи вели дека оваа недела ќе финишираат преговорите со сите засегнати, и дека очекува петиот пакет на мерки да стане оперативен во текот на февруари.

СИНДИКАТОТ БАРА НЕ САМО ПОМОШТА ДА ПРОДОЛЖИ ТУКУ ДА ОДИ ДИРЕКТНО НА РАБОТНИЧКИТЕ СМЕТКИ

А и од ССМ, како најголем и најрепрезентативен синдикат во земјава, бараат не само да продолжи мерката директна поддршка за плати, туку и таа да оди директно на сметките на работниците.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски ги изнел предлозите на ССМ пред останатите социјални партнери и уште еднаш истакнал дека со петтиот пакет мерки задолжително мора да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати, за да не бидат доведени во прашање работните места на работниците во погодените сектори. 

Меѓу предлозите кои ССМ ги доставиле до Владата е и тој Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите​ кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати заради вирусот или ќе ги извршуваат со значително намален обем,​ првенствено и исклучиво за обезбедување на средства за плата на работниците.ССМ бара субвенционирањето на плата​ како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено, како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но​ да се исплаќа директно на сметките на работниците.

Според последните податоци на УЈП, за месец ноември биле поднесени вкупно 13.851 барање до Управата за финансиската помош од четвртиот пакет мерки. Од нив, 13.178 фирми потоа исплатиле 1.028.448.344 денари или 16,7 милиони евра за вкупно 65.950 вработени како ноемвриска плата.

Додека, пак, ноемвриската плата од државната помош за компаниите не била исплатена за близу 2,5 илјади работници

„Вкупно 596 работодавачи, износот од 36.655.907 денари не го исплатија како ноемвриската плата за 2.421 вработен“, објави директорката на УЈП Сања Лукаревска. 

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

ПОЧИНА МИТРОПОЛИТОТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ, ГОСПОДИН ТИМОТЕЈ: Бил во болница, заради проблеми со срцето

ПОЧИНА МИТРОПОЛИТОТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ, ГОСПОДИН ТИМОТЕЈ: Бил во болница, заради проблеми со срцето

НОВ ПРЕСВРТ ВО СУДОТ - Кешишов тврди дека писмото го напишал во страв од Палчо

НОВ ПРЕСВРТ ВО СУДОТ - Кешишов тврди дека писмото го напишал во страв од Палчо