Владата ќе го раскине договорот за Иловица, ќе се спаси ли од тужба?
Објавено во: Економија 01 Октомври, 2019
Владата дефинитивно ќе го раскине договорот за концесија со Еуромакс Рисорсис, потврдуваат за Фактор владини извори. Ова од причина што, како што велат, второстепената Државна комисија која ја одби жалбата на Канаѓаните, е последната инстанца која одлучуваше, по што Владата мора автоматски да ја прифати одлуката на Комисијата.
Подетално како ќе се одвива процедурата на еднострано раскинување на договорот со канадската компанија Еуромакс Рисорсис, денеска треба да образложи Министерството за економија.
Всушност, со одбивањето на жалбата од страна на Комисијата, се потврдува одлуката што ја донесе Економија, а таа е да се одбие барањето за издавање дозвола за експлоатација на руда на канадската компанија Еуромск Рисорсис.
„Согласно Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, е формирана Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи. Со оглед на горенаведеното, Владата на Република Северна Македонија нема надлежности да постапува по жалби“, ова е кусиот одговор што го добивме од Владата.
А по одлуката на второстепената државна комисија, еколошките здруженија се кренаа на нозе, веќе слават за одлуката дека рудникот нема да се гради.
„Со голема радост и возбуда ве известуваме дека Рудник на смртта во Иловица и Штука – нема да има“, соопштија од еколошката организација „Здрава котлина“.
„Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да му се одбие барањето за дозвола за експлоатација на Еуромакс Рисорсис. Со ова решението за одбивање станува правосилно и целосно се отвара патот за конечно одземање на концесијата според повеќе основи наведени во законот за минерални суровини. Очекуваме во најбрз временски период Владата да донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со концесионерот Еуромакс Рисорсис“, напишаа од „Здрава котлина“.
Од таму се заблагодарија на сите кои учествуваа во борбата за екологијата, за сите, како што велат, повеќегодишни напори и залагања за да се зачува тој крај од отрови и хаварии.
А од Еуромакс Рисорсис за Фактор веќе потврдија дека го добиле решението од Комисијата, но во овој момент, велат многу е рано да кажат дали ќе тужат и кои ќе бидат нивните идни чекори.
„Ги анализираме деталите изнесени во Решението, како и импликациите кои ќе произлезат од истото. Во овој момент, е многу рано да се произнесеме која ќе биде нашата одлука за понатамошните наши чекори кои ќе бидат превземени. Поради тоа, не сакаме да даваме дополнителни коментари во врска со ова. Меѓутоа, во догледно време, откако ќе биде донесе конечна одлука, ќе бидете известени за нашите идни чекори“, велат за Фактор од Еуромакс Рисорсис.
Сппред неофицијалните сознанија на Фактор, канадската компанија нема да избрзува со тужба, туку најверојатно ќе се обиде претходно да ги искористи сите други алатки што и стојат на располагање. Но доколку другите чекори не вродат плод, тужбата би била логичен исход. Колку таа ќе тежи засега не може да се шпекулира, но сигурно дека ќе биде на милионски износ, со оглед што компанијата таму планираше да вложи околу 340 милиони евра.
Владата на крајот на јули годинава го задолжи ресорот за економија да ја разгледаат правната исполнетост на Барањето, и согласно законите, доколку се исполнети условите, со решение да го одбие барањето за издавање дозвола. Истовремено, Министерството за економија било задолжено да подготви и до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија.
„Министерството за економија констатира дека Барањето за издавање дозвола за експлоатација,и Дополнувањето на Барањето, заедно со приложената документација,не се во согласност со закон и прописите донесени врз основа на истиот, и затоа донесе Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација од осми јули оваа година“, објаснија од Економија.
( Н.Н.Ф.)