ВЛАДАТА НА ТЕШКА МАКА - каде да најде 36 милиони евра, но и како да ги убеди странците дека штедачите треба да се обештетат со државни пари
Објавено во: Економија 14 Октомври, 2020
Владата има сериозен проблем, а тој е како да го реши прашањето со штедачите од Еуростандард банка, чии штедни влогови беа над 30.000 евра, колку што законски обештетуваше Фондот за осигурување на депозити, така што голем дел од остатокот од парите им останаа заробени во банката која отиде во стечај. Согласно законите, овие луѓе парите треба да си ги побаруваат од стечајната маса, но веќе е јасно дека таа не е доволна да подмири ниту половината од нивните влогови. А заробени пари во банката останаа не само како депозити, туку и на граѓани кои продале имот и парите им легнале на сметка што им била отворена во Еуростандард банка. И конечно, во пропадната банка на бизнисменот Трифун Костовски останаа заглавени и средства на голем број компании, кои за својот бизнис користеле сметки токму во Еуростандард банка.
Оние над 700 штедачи кои во банката имаа над 30 илјади евра веќе не кријат дека од Владата бараат да донесе закон со кој таа би им ги исплатила сите заробени депозити, со што тие би биле целосно обештетени. Потоа државата би ги побарувала тие пари од стечајната маса. Но, јасно е дека од стечајната маса нема доволно пари, што значи дека државата ќе остане во кусок, кој ќе мора да го покрива – а каде од друго место ако не од државниот буџет.
Токму тука, според сознанијата на Фактор, е големата мака на власта, но и на пратениците од владејачкото мнозинство, во кои штедачите гледаат и бараат спас, односно токму од нив очекуваат да иницираат и да донесат законско решение за целосно покривање на нивните влогови.
ПОТРЕБНИ СЕ 36 МИЛИОНИ ЕВРА
Фактор дознава дека за да се подмират сите штедачи и фирми чии пари останаа заглавени во банката, а по искористувањето и на наплатливата стечајна маса, на Владата и требаат околу 36 милиони евра. Односно, треба од некаде да се најдат 36 милиони евра буџетски пари. И тука настанува најголемиот проблем. Од една страна, тоа е голема сума буџетски пари, кои е особено тешко да се најдат во време на економска ковид криза.
Но, она што е уште попроблематично, е што со ваков тип на обештетување од државата на приватни штедачи не се согласуваат меѓународните организации со кои тесно соработува земјава, како што се ММФ, Светска банка, и се разбира Европската унија. А добро е познато колку овие меѓународни партнери се битни за нас, особено сега, кога ни помагаат со грантови и поволни заеми за полесно да ја пребродиме кризата.
Фактор дознава дека нашите власти се во сериозни разговори со странските партнери со цел тие да бидат убедени дека за земјава е битно да се донесе еден ваков закон. Во тие преговори била вклучена и Владата и Министерството за финансии. Но, според нашите сознанија, меѓународните финансиски институции сметаат дека тоа би бил погрешен чекор, и засега не отстапуваат од тие ставови.
„Така уривате систем. Зарем со државни пари би требало да се обештетат и други приватни банки или евентуално фирми кои би отишле во стечај. Тоа се работи во кои не треба да се меша државата, особено не во едно пазарно општество“, бил ставот на меѓународните организации.
ПАРИТЕ ГИ НЕМА ВО РЕБАЛАНСОТ, ДАЛИ ЌЕ СЕ НАЈДАТ ВО НОВИОТ БУЏЕТ
А, покрај овој тврд став, проблем е и како да се обезбедат тие пари.
„Тие 36 милиони евра не ги предвидовме во ребалансот на буџетот, бидејќи немаше ни од каде да се изнајдат, што значи дека сега не би смеело да се исплатат од буџетот. Би требало да ги планираме со новиот предлог буџет за 2021 година, што значи дека дури од стартот на идната година би можела да почне исплатата“, вели за Фактор пратеник од владејачкото мнозинство.
Но, од друга страна, на власта и е многу битно да им се излезе во пресрет на овие штедачи, бидејќи тоа е многу важно воопшто за целокупната доверба во банкарскиот систем на земјава. Односно, за психолошки да се делува врз сите штедачи, дека банкарскиот сектор е стабилен и им гарантира сигурност.
„Според наши проценки, под перница во моментов се чуваат дури две милијарди евра. Нашата цел беше тие за извесен период да влезат во каналите на банкарскиот систем, со тоа што ќе донесевме закон со кој ќе оставевме извесен рок, од на пример шест месеци, во кој ќе ги повикавме граѓаните да ги вложат парите во банка, а после тој период, за секоја поголема трансакција, на пример за купување куќа или слично, ќе требаше да се докаже потекло на парите. Но, наместо да почневме со таа практика и да се успееше тие две милијарди евра да влезат во системот, нас ни се случи ова со Еуростандард банка, што не враќа чекор назад. Затоа и ни е битно да се реши ова прашање“, вели за Фактор пратеник од СДСМ.
Затоа сега власта бара начин да се реши овој проблем, се разбира преку закон, за кој се уште се преговара како да се најде солуција.
„Затоа разговараме со пратениците и од опозицијата, и ги замолуваме овој проблем со штедачите од Еуростандард банка да не служи за политички препукувања и обвинувања, значи да не се тера политика преку овој случај, туку да се смогнат заеднички сили и да се најде коректно решение“, вели нашиот извор од пратеничката група на СДСМ.
ШТЕДАЧИТЕ ЈА ОЧЕКУВААТ СРЕДБАТА СО ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ
А, Здружението на оштетени штедачи вчера соопшти дека неодамна имале средби со пратениците Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Апасиев од Левица, при што, како што велат, им била презентирана доработената верзија на законот, во насока на усогласување со законските регулативи. Исто така, претставниците на овие две партии им потврдиле дека е иницирана надзорна собраниска расправа за случувањата во банката и работењето на НБРМ. За жал, велат, на овој состанок со пратениците, од за нив непознати причини, не присуствувале пратениците од владејачката партија.
„Но, многу значајно за нас е тоа што за оваа недела, на предлог и иницијатива на службите на Владата, веќе е договорена средба со премиерот Зоран Заев, на која очекуваме дека ќе биде потврдена поддршката која и оваа партија ја даде претходно, со што ќе се потврди позитивното расположение на сите партии да се донесе овој закон...“, се вели во вчерашното соопштение од штедачите.
Драган Блажев, еден од штедачите, пак, вчера изјави дека со пропаѓањето на банката најмногу изгубиле граѓаните кои со години штеделе и сега остануваат без своите пари. Дополнително удар им е зададен и на фирмите.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.