Владата наплатила 16,3 милиони евра од 5Г-мрежата
Објавено во: Економија 08 Јуни, 2023
Владата минатата година наплатила 16,3 милиони евра еднократно од двата најголеми мобилни оператори, по доделувањето на лиценците за 5Г-мрежата, пишува во годишниот извештај за 2022 на Агенцијата за електронски комуникации. Од секој од нив бил наплатен точно по половина - 8,15 милиони евра, пари кои потоа завршиле во владиниот буџет, по што немаше отчет за што ќе бидат потрошени.
Лиценците се со важност од 2022 до 2037 година, а двата оператори ги добиле за прв пат. На 21 јуни 2022 Владата се согласила со предлогот на АЕК еднократно по 5,25 милиони евра да се наплатаат фреквенциите А2 713-723/768-778 MHz и А3 723-733/778-788 MHz 5.25 милиони евра и по 2,9 милиони евра да се наплатата фреквенциите B2 3.6-3.7 GHz и B3 3.7-3.8 GHz.
„Согласност од Владата беше побарана на 23.05.2022 година, а Владата донесе одлука за давање на согласност на 21.06.2022. На 30.06.2022 година е доставено известување до операторите за висината на еднократниот надоместок што треба да го уплатат врз основа на донесената одлука на Директорот на АЕК и добиената согласност од Владата. Врз основа на известувањето до операторите за висината на еднократниот надоместок што треба да го уплатат врз основа на донесената одлука на Директорот на АЕК и добиената согласност од Владата, операторите извршија уплата на надоместокот. Секој од операторите уплати по 8.15 милиони евра на сметката на Буџетот на РМ. На 08.07.2022 година се издадени одобренија за користење на радиофреквенции на постоечките оператори“, пишува во објавениот извештај на регулаторот.
Според објавеното, иако имаше таква комбинација, по интервенција на Комисијата за заштита на конкуренцијата, не учествувал трет оператор со искажан интерес за уште еден фреквенциски опсег. Повикот првично беше објавен уште во 2021, но истата година во септември Владата, иако претходно првично го одобри предлогот на АЕК, во септември истата година го стопираше со одлука со објаснување дека плаќањето треба да биде еднократно, а не на рати.
Интерес за тендерот за фреквенции за 5Г мрежа првично изразија четири компании. Тие бараат да платат помалку пари за користење на фреквенциите и подолг рок на користење за да им се исплати инвестицијата, според претходните коментари во отворената расправа за сумата.
Со терминот 5Г се означува петтата генерација на мобилни телекомуникациски врски, која треба да овозможи побрз интернет и можност за поголемо поврзување на уреди. Технологијата која има од 10 до 1000 пати поголема брзина од досегашната 4Г мрежа ќе може да се користи и за професионални и за аматерски цели.
Комисијата за заштита на конкуренцијата на почетокот од минатата година го блокираше тендерот на Агенцијата за електронски комуникации, одобрен од Владата, за 5Г-мрежата, затоа што условите за третиот предвиден оператор кој требаше да влезе на домашниот пазар биле неконкурентни.