ВЛЕГУВА ЛИ ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ И ВО ЛИЧНИТЕ КАРТИ - пратениците од БЕСА предложија закон, течат последните консултации
Објавено во: Македонија 24 Декември, 2020
Четворицата пратеници на партијата БЕСА, кои се дел од владејачката коалција на СДСМ предлагаат образецот за личните карти на граѓаните на земјава да се дополни и со податоци за етничка припадност.
Тие до Собранието поднеле и предлог законски измени на Законот за лична карта, со кои би се вовела и графата за етничка припадност на граѓаните, што досега не беше случај со овој документ за идентификација.
На овие предлог законски измени се потпишани Бастри Бајрами, Кастриот Реџепи, Фадил Зендели и партискиот шеф Билал Касами.
За тоа дали за овие предлог законски измени ќе гласаат и пратениците од СДСМ, што е неопходно за тие да бидат донесени и графата етничка припадност да стане реалност во личните карти, Фактор разговараше со извори од најголемата владејачка партија.
Оттаму велат дека внесувањето на етничката припадност во образецот за лична карта не е проблем, и дека тоа како намера било договорено и ставено во соопштение од една владина седница уште пред две и пол години, односно пред да биде донесен Преспанскиот договор. Тоа било договорено и со партијата Беса во предизборната коалиција.
Но, проблем може да излезе една друга работа, велат за Фактор изворите од владејачката СДСМ. Токму за неа течат консултации и со нашите странски партнери од Европската унија, но во моментов тоа е забавено порди фактот што претставниците на Меѓународната заедница сега се заминати во своите матични држави, поради прославата на католичкиот Божик, па ќе се чека на нивното враќање за да се направат последните консултации.
„Проблемот може да настане во тоа што во патните испави не треба да стои етничката припадност, а како што е познато, со неколку држави ние како земја имаме склучено договор и личната карта може исто така да се користи како патна исправа, како што се Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, односно во тие држави да може да се патува и со лична карта. Сега сакаме таков дговор да склучиме и со Грција, но стравуваме да не излезе некој правен проблем околу тоа. Затоа и сакаме да се консултираме со нашите странски партнери, но тоа ќе го оставиме за по празниците. Затоа и ќе почекаме, да не направиме заради избрзување некој пропуст. Инаку, реално нема проблем да стои во образецот за лична карта етничката припадност“, велат наши извори од СДСМ.
Токму од тие причини сега се прават консултации и правни анализи.
И, доколку се усогласат ставовите, многу е реално да се очекува дека графата за етничка припадност ќе стане дел од личните карти на државава.
Инаку, како што е познато, со Законот за личната карта е уредено дека таа е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството, живеалиштето и адресата на граѓанинот. Личната карта може да се употребува и за преминување на државната граница, во случаи и под услови утврдени со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на земјава.
Граѓанинот може да има само една лична карта, а со неа се утврдуваат податоците кои треба да ги содржи образецот и тоа: презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање на личната карта, датум на важење, место на раѓање, живеалиште и адреса, надлежен орган кој ја издал, како и број на личната карта и потпис на нејзиниот имател.
Пратениците - предлагачи навеле дека главна причина поради која ги предлагаат овие законски измени е фактот што сметаат дека и припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, но и заради усогласување со Уставот на земјава.
„Заради усогласување на законот со Уставот на Република Северна Македонија, а пред се од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме членот 5 став 2 од законот односно образецот на лична карта да се дополни и со податоци за ‘етничката припадност’“, навеле тие.
Додаваат дека со предложените измени, исто така, се врши и усогласување со Законот за прекршоците, во насока на усогласување на прекршочните одредби. Истовремено со предложениот закон се врши и интервенција во однос на името на државата, а со цел имплементација на Уставните амндмани.
Она што е интересно е дека предлагачите бараат овие измени да се донесат по скратена постапка, бидејќи, како што велат, не се работи за обемен и сложен закон.
„Во Законот за личната карта, во член 5 во ставот 2,по зборот ‘државјанство’ се додаваат зборовите: ‘етничка припадност’“, што, всушност е клучниот член од предлог законските измени.
Во еден нивни член се наведува и дека „министерот за внатрешни работи во рок од три месеца од денот на влегувањето восила на овој закон ќе го усогласи Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти согласно со одредбите од овој закон“.
фото: МИА
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.