Џелал Хоџиќ: ВМРО ДПМНЕ се заканува да ја дестабилизира Македонија ако ја изгуби власта!
Објавено во: Македонија 18 Декември, 2016
Од обраќањето на Никола Груевски пред ДИК, читајќи го усвоениот поглас на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, може да се заклучи дека оваа партија е спремна да го радикализира своето дејствување и да ја дестабилизира Македонија доколку не биде дел од идната Влада.
Овој проглас првенствено испраќа порака до дел од меѓународната заедница, оној дел кој во изминатиов период се обидуваше да најде одржливо решение за политичката криза и да наметне реформски план за излегување од длабоката општествена криза.
ВМРО-ДПМНЕ очигледно одбра да игра на картата “стабилност наместо демократија” и се надева дека САД и ЕУ се спремни повторно да ја изберат стабилноста на Македонија на сметка на функционалната демократија, владеењето на правото и демократските принципи во државата. Груевски читајќи го прогласот најави дека нема да ги признае изборите доколку ВМРО ДПМНЕ не биде прогласен за победник.
Се останато ќе прогласи за изборен инжињеринг и фалсификат со помош на меѓународната заедница. Потоа, од прогласот може да се заклучи дека ВМРО ДПМНЕ јасно се заканува со блокирање на работата на државните институции, доколку СДСМ и партиите на Албанците во Македонија формираат Влада без нив. Како планираат да ја блокираат работата на институциите останува прашање, но јасно е дека тоа по правило значи дестабилизација на државата. Груевски со најблиските соработници одлучија да стават крај на и така веќе „бајатиот” пржински договор и испратија порака дека нема да прифаќаат медијаторство од САД и ЕУ ако тоа оди на штета на нивните стратешки и партиски интереси. Станува јасно дека во случај ВМРО ДПМНЕ да остане надвор од Влада оваа партија ќе продолжи и ќе засили со примитивната националистичката реторика, продуцирање на албанофобија и етничка нетрпеливост, преку измисленото прашање за федерализација и измислениот внатрешен непријател. Секако, во прогласот свое место има и борбата против независниот граѓански сектор, Груевски сега најавува дека ако опстане на власт таа борба ќе биде и преку интервенции во законската регулатива за работа на фондациите. На крајот од прогласот ВМРО ДПМНЕ нагласува дека е прозападно ориентирана партија, а со тоа на Вашингтон и Брисел покрај стабилноста им нудат кооперативност за сите важни и стратешки прашања кон интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, само прво “да ја заштитат демократијата во државата”, под што подразбираат да останат на власт!
Џелал Хоџиќ - граѓански активист