19 Март, 2024
0.3752

ВМРО-ДПМНЕ во еуфорија по првиот круг - Нема знаци за бојкот од Мицкоски

Објавено во: Анализа 22 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ барем засега нема да оди на картата на бојкот на вториот круг на претседателските избори. Иако со критики за одредени нерегуларности и помали прекршувања на изборните правила, ВМРО-ДПМНЕ немаше забелешки за масовни злоупотреби на изборниот процес. Генерално немаше инциденти и пријави за полнење на гласачки кутии или пак силен притисок врз гласачите, појави кои сме ги имале во изборите од минатите циклуси. Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, нема да ги бојкотира изборите во вториот круг на гласањето со што се зголемува можноста за остварување на законскиот цензус кој изнесува 40% од сите запишани гласачи.

Двата изборни табори би требало да направат се што е во нивна моќ да победат, односно на 5 мај републиката да добие претседател меѓу двајцата кандидат кои изборија „пас“ понатаму, односно Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, ДУИ, Алтернатива и уште триесетина партии, како и Гордана Силјановска Давкова, кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според податоците на ДИК за целокупната излезност според општини видливо е дека најмалку гласачи своето право го оствариле во средините каде живеат мнозинство етнички Албанци, па така од тој „пул“ на гласови двајцата кандидати ќе се надеваат дека ќе добијат глас повеќе, а со тоа и дека ќе се реализира цензусот, што засега е главна грижа на партиите и на политичките актери.

„Ајде заеднички браќа и сестри, добри луѓе, ајде заеднички во вториот круг да дојдеме до таа толку посакувана конечна победа. Ајде да го поразиме Зоран Заев. Ајде да ги поразиме. Ајде заеднички да ја победиме оваа хотел коалиција, овие елитисти кои што за само за две ипол години успеаја она вистинско лице, кое што народот во Република Македонија го заборави, бидејќи долго време беа опозиција. Ајде да ги победиме овие транзициони криминални политики, ајде да застанеме на вистинската страна. Ајде да победиме за Македонија и за граѓаните на Македонија, бидејќи Гордана верувајте ми е идниот претседател на републиката, претседател на Македонија. Ајде сите да се обединиме во вториот круг, без разлика на партиската припадност, без разлика на етничката припадност, без разлика дали сте аполитични, без разлика на верската припадност, ова е наша татковина и да одбереме подобра иднина. Ајде сите добри луѓе да се обединиме за идниот претседател професорката Гордана Сиљановска Давкова“ порача Мицкоски.

По резултатите кои се веќе и официјални, нема голема промена во заложбите и реториката на Мицкоски за да пропаднат претседателските избори, без оглед какви се шансите на Силјановска Давкова за конечна победа во вториот круг.

Сега пак, се шират гласини дека можен е тивок бојкот од страна на владејачката гарнитура доколку сметаат дека нема да добијат победа на Пендаровски, па така би се одело на преземање на претседателската функција привремено од спикерот Џафери, за потоа да се оди или на нови избори или пак на уставни измени за претседателот на републиката да се одбере со мнозинство во Собранието.

Во еуфоричната прес конференција која ја одржа Игор Јанушев исто така немаше обвинувања за поголеми изборни нерегуларноста, ниту пак било какви знаци за бојкот.

„Драги браќа  и сестри, благодарност огромна до граѓаните, до секој еден човек во оваа држава, за секој еден глас, за оние кои излегоа на гласање, но и за оние кои не излегоа на гласање. Имавме изборна кампања со низа прекршувања, да потсетам и на прогонот, притисоците на власта и околностите во кои ја водевме оваа битка, но ќе споменам дека имавме генерално мирен изборен ден“ истакна Јанушев шеф на изборниот штаб на кандидатката Силјановска Давкова.

Ваквите резултати го охрабруваат ВМРО-ДПМНЕ пред се за парламентарните избори без оглед дали ќе бидат редовни или предвремени, бидејќи Пендаровски води со само 4000 гласови, а уште повеќе причини за задоволство опозиционерите имаат бидејќи ова е резултат остварен на СДСМ, ДУИ, Алтернатива и уште триесет коалициони партнери.

Единствени активни на агитирање за бојкот на претседателските избори се движењето „Бојктотирам“ кои имаа многу ангажмани за време на кампањата за референдумот кој не успеа токму поради недоволната излезност на гласачите, а секако тогаш и ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на тивок бојкот и не се изјасни ниту за ниту против понуденото решение на спорот за името со Договорот од Преспа за членство во НАТО и ЕУ.

Во очи на овие избори под слоганот Бојкотирам Северна, движењето не беше премногу изразено во јавноста, ниту пак имаше свои протести и собири како пред референдумот, па така и нивното влијание врз целокупната атмосфера и расположение кај гласачите овој пат е лимитирано. Видлива беше акцијата во дел од македонската дијапсора, особено во Австралија каде јасно се упатија пораки за бојкот на изборите што е во рамки и на очекувањата, особено по активностите за време на референдумот каде имаше и инциденти кон гласачите кои сакаа да се изјаснат во дипломатските претставништва.

Филип Петровски кој беше кандидат на „Бојкотирам“, а не успеа да собере доволно потписи за да влезе во претседателската трка, посочи дека слабата излесност е прв знак на казна на народот за двете најголеми партии и нивните кандидати. Тој им порача на неговите поддржувачи да не гласаат за Силјановска Давкова.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“