„ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ ДА ДАДАТ ПОДДРШКА“: Пакетот мерки за млади од Левица утре на собраниска седница
Објавено во: Економија 01 Септември, 2025 13:15
Утре пред пратениците ќе се најде обемен пакет на мерки за младите, поднесен од Левица, којшто опфаќа шест иницијативи регулирани преку пет закони. Со нив се адресираат најгорливите проблеми на младите и младите семејства - домувањето, родителството, условите за работа и секојдневниот економски товар, велат од партијата.
Едната мерка е скратено и флексибилно работно време од шест часа за родители до шестата година на детето.
„Со предложените измени на Законот за работни односи, Левица предлага родителите на деца до шест години да добијат право на полно работно време во траење од шест часа, со флексибилен распоред во договор со работодавачот. Моменталното законодавство предвидува породилно и родителско отсуство до 15 месеци, по што работникот се враќа на стандардно работно време без дополнителни олеснувања, освен паузата за доење до една година. Во пракса тоа создава сериозен јаз помеѓу потребите на семејството и работните обврски, особено кај самохраните родители. Истражувањата недвосмислено укажуваат дека првите години од животот на детето се клучни за неговиот развој, а континуираната родителска присутност е неопходна. Европската пракса покажува дека ваквите решенија не ја намалуваат продуктивноста, туку напротив – ја зголемуваат мотивацијата и лојалноста на работниците“, велат од партијата.
Како втора мерка, се предлага контрола на пазарот со кириите.
„Со дополна на Законот за домување Левица предлага воведување на јасни ограничувања за максималната висина на кириите, со цел заштита на закупците од нереални и надуени цени. Моменталното решение остава огромен простор за злоупотреби, бидејќи минималниот праг е дефиниран, но максимален не постои, што резултира со енормни закупнини кои ги исклучуваат младите и сиромашните од можноста за осамостојување и безбедно домување. Со вакви законски решенија би се применила и позитивната европска пракса на транспарентност и стабилност на пазарот со изнајмување станови“, соопшти опозициската партија.
Третата мерка која ја предлага Левица е Закон за државна поддршка при купување на прв дом за млади.
„Со овој нов закон државата презема активна улога во решавање на најголемиот проблем на младите - обезбедување сопствено домување. Законот предвидува:
- Државна гаранција и субвенционирање на камата: државата гарантира до 95% од главнината на кредитот за купување прв дом (наместо сегашното барање за 15% учество за станбен кредит, тој да се намали на најмногу 5% и државата да ја гарантира отплатата на тие кредити за младите) и во првите десет години ја субвенционира каматата. На овој начин младите добиваат полесен пристап до станбен кредит и се намалува финансискиот товар во најважниот период од нивниот живот.
- Делумен отпис на кредит при раѓање или посвојување дете: при раѓање или посвојување на прво дете се отпишува 20% од преостанатата главнина на кредитот, а за секое следно дете дополнителни 10%. Оваа мерка не само што обезбедува материјална сигурност, туку претставува и директен поттик за младите семејства да се решат на родителство и да ја градат својата иднина во државата“, стои во соопштението на Левица.
Партијата предлага и Закон за ваучери за неформална детска грижа.
„Во услови на хроничен недостиг од капацитети во јавните градинки, оваа мерка претставува поддршка на семејствата. Преку воведување на месечен ваучер во износ од 6.000 денари за неформалните грижители (баби, дедовци, роднини, соседи и сл.), државата ја препознава и формализира нивната улога во грижата за децата. На тој начин се обезбедува алтернатива на институционалното згрижување и се намалува финансискиот товар врз родителите“, образложуваат од Левица.
Петта мерка е бесплатен јавен превоз за родители на деца до 6 години.
Со дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај Левица предлага воведување на бесплатен јавен превоз за родителите на деца до шест години. Според ССМ, транспортот чини 7–8% од синдикалната минимална кошница, а кај младите семејства овој трошок е уште поголем поради зголемената мобилност. Овој пакет на мерки претставува иницијален чекор, изграден врз основа на директна анкета и одраз на реалните потреби на младите во Македонија. За разлика од казнените, даночни најави на премиерот Мицкоски, ваквите законски решенија претставуваат вистинска поддршка и стимул за младите - за формирање семејства, за подобар стандард и за достоинствен живот во сопствената земја. Со репресивни и понижувачки мерки младите ќе бидат дополнително мотивирани да ја напуштаат државата. Само преку реални политики кои гипрепознаваат и решаваат клучните проблеми (домувањето, работата, грижата за децата, економскиот притисок) може да се создаде средина во која младите ќе сакаат да останат и да ја градат својата иднина“, велат од партијата.
Левица преку соопштението ја повика владејачката коалиција да даде поддршка на пакетот мерки.
„Затоа, ги повикуваме сите пратеници, особено оние од владејачкото мнозинство на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, на утрешната седница да дозволат овој пакет да го помине првиот филтер и да се отвори широка, сериозна и конструктивна дебата. Недозволиво е вакви предлози кои се во интерес на младите генерации, да бидат отфрлени однапред, само поради партиска ароганција и политички калкулации“, пишуваат од партијата.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Цени во најсеверната продавница во светот, поевтино е од САД
Хрвати се иселиле во Полска, тврдат дека земјата е драстично подобра од Хрватска
Обидот за увоз на берачи од Бангладеш и Пакистан не успеа во соседството
БДП СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА 3.8 ОТСТО: Кои сектори се со најголем раст?
Среброто привлекува сè поголемо внимание од купувачите, eве зошто...
Димитриеска-Кочоска: Немам информација дека доцни породилното
ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката





