Внимавајте какви сокови пиете, наместо овошје додаваат зашеќерена вода
Објавено во: Балкан 17 Октомври, 2013
Земјоделската инспекција повлече од промет 4.660 литри сокови бидејќи е утврдено дека имаат помал процент овошје од тој кој е назначен на декларацијата. Спорните сокови се овошен нектар од праска и јаболка Верде од производителот ИБ тим од Белград, Сорисо бистар и кашест овошен нектар од праска и јаболка Баш баш кој го произведува Дуга фрут од Крушевац.
Со супер анализата Министерството за земјоделство утврди дека соковите од овие производители го немаат тој квалитет кој е назначен на амбалажата. Со контролата која се опфатени десет производители, анализирани се 25 примероци. Од друга страна, министерството не ги повлече соковите на Вино Жупа и Таково, чиј увоз поради лажни податоци на декларациите Црна Гора неодамна го забрани.
Предупредувањето им стигна уште кон крајот на септември кога добиле рок од 15 дена да ја поправат декларацијата. Судејќи според одлуката на Црна Гора за забрана на увоз, тоа не се случи, а тоа е само потврда на тоа за кое говорат многу потрошувачки здруженија – дека во Србија се пие се и сешто.
Така на рафтовите се продаваат и сокови од тропоско овошје како ананас и киви во кои јаболката е главна состојка. Според истражувањето на Националната организација на потрошувачи во Србија од вкупно 32 примероци земени кај шест производители, секој трет бил неисправно деклариран. Тоа значи дека немале доволна количина на овошје туку наместо него се додавала зашеќерена вода, на која вкус и даваат вештачка арома и боја.
- Грешките во декларациите се такви што потрошувачите ги доведуваат во заблуда. На пазарот се наоѓаат сокови кои се декларирани како сок од моќни бобинки или сок од шумско овошје, или мулти тропик, а како по правило во тие сокови најмногу има јаболка – вели за Блиц Даница Зариќ од ИХИС нутриционизам.
Исто така, играта со големината на буквите на декларациите е нешто што производителите го практикуваат.
- Со поголеми букви се истакнуваат поквалитетните, поскапите состојки, иако по правило ги има најмалку. Примери се соковите од праска и јаболка. Потрошувачите мораат внимателно да читаат за да знаат што купуваат. Можеби тој производ е целосно здравствено исправен, но не е добро деклариран и ги залажува купувачите – објаснува Даница Зариќ.
Едина Попов од Асоцијацијата на потрошувачи за Блиц вели дека на домашниот пазар владее целосен хаос.
- Ние буквално пиеме сешто, а на тоа никој не застанува на патот. Случајот со Црна Гора е само показател на состојбата на домашниот пазар – вели Попов.
Извор: Миа