Во Генералниот секретаријат има 242 вработени: Владата крие колкави им се платите
Објавено во: Македонија 09 Јули, 2025 08:10
Владата останува на ставот дека треба да се скрати бројот на административци, но не и во Генералниот секретаријат – За таму се потребни 242 вработени кои одат на работа на Илинденска број 2 и се поделени низ повеќе сектори.
Од владата за Фактор велат дека им се потребни сите вработени, со став дека Генералниот секретаријат е најважниот дел за оперативно функционирање на владата.
„Во однос на бројот на вработени, важно е да се нагласи дека тука се опфатени сите профили, од административни службеници, до технички и логистички кадар кои секојдневно ја опслужуваат работата на Владата. Во однос на ставот за рационализација на администрацијата, Владата останува цврсто на таа линија, но тоа не значи механичко кратење по број, туку оптимизација по функција и резултат. Таму каде што постои реална потреба како што е случајот со Генералниот секретаријат се обезбедува стабилност, затоа што Владата мора да функционира брзо, правно издржано и ефикасно. Оваа Влада, за разлика од претходната, работи суштински и аналитички. И тоа е суштинска разлика“, одговорија од владата.
Конкретен одговор на прашањето колку пари од државниот буџет се издвојуваат на месечно ниво за плати на овие вработени не добивме.
„Што се однесува до платите истите се во зависност од позицијата и сложеноста на работата, и е согласно законските рамки и колективните договори“, велат од таму.
Од 242 вработени во Генералниот секретаријат, 221 се административни службеници, 11 се кабинетски службеници, а 10 посебни советници. Еве каде се рапсределени вработените административни службеници:
За 20 лица, не е наведен сектор, ниту одделение – заведени се само како државни советници. Десетмина се вработени во секторот за човечки ресурси, а дваесетмина во сектор за стручно-оперативна логистичка поддршка на премиерот и на министрите без ресор.
Во секторот за работи поврзани со седниците на владата и работните тела на владата има 37 вработени, низ повеќе одделенија: 12 за достава на материјали во владина постапка, девет за стручно-организациона и логистичка поддршка на комисии, петмина за стручно-организациона и логистичка поддршка на генералниот колегиум и државните секретари, четворица во одделение за записници, заклучоци и други владини акти, двајца за соработка помеѓу премиерот и Собранието и еден во одделението за затворени НАТО седници, а четворица се без одделение.
Тринаесет вработени се дел од сектор за стратегија, планирање, следење и национална развојна стратегија, девет во секторот за анализа на политиките и координација, осум вработени во секторот за финансиски работи, шестмина во секторот за јавни набавки и деветмина во секторот за правни работи.
Осуммина се вработени во секторот за информатичка технологија, а 31 вработен има во секторот за документација, библиотка и други општи работи. Во секторот за протокол, преведување и односи со јавност пак, има 22 вработени. Десетмина има вработени во секторот за следење на финансиската поддршка на инвестициите и државната помош и за координација на проекти, додека пак двајца се без сектор, но во одделение за внатрешна ревизија.
Во Канцеларијата на премиерот пак, има 24 други вработени. Но, иако во формуларот е наведено дека треба да биде објавена и нивната плата, тоа не е сторено.
Александар Тодески
Можеби ќе ве интересира
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината
Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица
Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП
АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила
„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата
ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКУВА НА КОГО САКА: Тошковски за темата мигранти
ДЕЛ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПОСЕДУВААТ ВАКВО ИСКУСТВО: Oва ги турка напред во кариерата




