Во корона-кризата само вредноста на акциите кај македонските фармацевтски гиганти во позитива
Објавено во: Економија 10 Јуни, 2020
Доколку сте купиле акции на крајот од минатата година, теоретски вредноста на истите по првите четири месеци од 2020 ќе биде зголемена само во фармацевтската индустрија. Ова го покажува вонредниот четиримесечен извештај на Комисијата за хартии од вредност по повод влијанието на Ковид-10 на македонската берза, кој нотира дека пазарната капитализација по јануари, февруари, март и април кај најтргуваните акции е позитивна само кај „Алкалоид“ и „Реплек“.
- Она е што е карактеристично да се согледа од податоците е дека акциите на двете фармацевски компании Алкалоид АД Скопје и Реплек АД Скопје всушност се единствените две компании кои бележат раст на нивната пазарна капитализација што коинцидира и со моменталната состојба во државата но и секаде во светот, афектирани од глобалната пандемија, компаниите кои работат во овој сектор да бележат одлични резултати во своето работење, забележуваат од КХВ.
Пазарната капитализација кај Алклоид во овој период бележи раст од 6,54 отсто, додека кај Реплек се зголемува за 4,93 проценти. Вредноста на Алкалоид од 17 милијарди на крајот на 2019 се зголемува на 18,146 милијарди, додека на Реплек од 1,98 милијарди на 2,086 милијарди на крајот на април годинава.
Анализирано по издавачи, најголем пад бележат акциите на Македонијатурист АД Скопје, чија пазарна капитализација на последниот ден на тргувањето во април 2020 година е за 11.42 отсто пониска, како и акциите на ТТК банка АД Скопје чија пазарна капитализација бележи пад од 10.37 проценти во однос на онаа постигната на крајот на 2019 година. Од Топ-10 најтргуваните акции пад бележи и вредноста на Комерцијална Банка, Макпетрол, НЛБ Банка, Гранит, Стопанска Банка Скопје и Стопанска Банка Битола.
Во првите четири месеци од 2020 година, на официјален пазар, најтргувани беа акциите издадени од Комерцијална банка со вкупен промет од 20,3 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со 10,64 милиони евра, па акциите на Макпетрол од 5,75 милиони евра и на крајот оние на НЛБ Банка од 5,44 милиони евра. Топ три најтргувани акции на официјалниот пазар, како и во истиот период претходната година, остануваат акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и на Макпетрол со 71 отсто учество во вкупниот промет реализиран на официјален пазар во 2020 односно 64 отсто во 2019.
КХВ поаѓајќи од се поголемата побарувачка на информации за влијанието на пандемијата врз пазарот на капитал и во интерес на инвеститорската јавност, секторот за супервизија на пазарот на капитал изработи вонреден четиримесечен извештај за состојбите и движењата на пазарот
Споредено со истиот период минатата година, пазарната капитализација на акциите на Берзанска котација во април 2020 година бележи пораст во однос на пазарната капитализација во април 2019 година од 7.42 проценти.
А.К..
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.