ЗЕМЈА ЗА СПОРЕДБА: СЛОВЕНИЈА
Во Македонија од болест починуваат 159 на 100 илјади жители: Во ЕУ многу помалку, клучот се превентивните прегледи
Објавено во: Македонија 10 Декември, 2021
„Најважната задача кое едно општество
треба да ја исполни за своите граѓани е заштитата на здравјето на луѓето, како
највисоко човеково право. Целокупниот развој на општеството зависи од развојот
на здравствената заштита, бидејќи ако едно население се соочува со сериозни
здравствени проблеми, сите други системи во општеството ќе заостануваат“,
констатира Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението Нефрон во опфатна анализа
која го третрира прашањето за тоа колкава е здравствената писменост на
граѓаните во Македонија и следствено на тоа колку нашата држава наликува на
здравствените системи на некоја од земјите членки на Европската Унија.
За едно население да биде навистина здраво, за да се намали постојаниот раст на заболени од карциноми и разни хронични заболувања, од исклучителна важност е превентивната здравствена заштита.
Според професорката на Медицинскиот Факултет во Скопје, д-р Бистра Ангеловска, превентивната здравствена заштита е еден од најзначајните сегменти на здравствените системи и на здравствената заштита воопшто заради тоа што сите светски пресметки укажуваат дека е многу поекономично да се превенираат болестите отколку да се лекуваат.
„Дали е кај нас добра превентивата? Веројатно не, покажуваат и сегашните предизвици со вирусот дека не. Поради различните методи и технологии на откривање, начини на водење статистика и друго, податоците колку хронични болни има во една држава не може да се искористат за да се направат споредби кое население е поздраво. Затоа, пак, бројот на починати лица помлади од 65 години поради болест, е многу посилен индикатор. Со 159 починати на 100 илјади жители, нашата држава е меѓу петте најлоши во Европа. Тоа е двојно повеќе од најдобрата членка на ЕУ – Луксембург, вели д-р Ангеловска.
Најдобри резултати во нашиот регион има Словенија, со 121 починато лице на 100 илјади жители поради хронични заболувања. Но, тоа е држава во која превентивната здравствена заштита е вкоренета во традицијата долго време, и е достапна на сите граѓани.
Здравствената писменост на Словенците е на највисоко ниво пред се поради фактот дека словенечките граѓани се свесни за потребата од превенција. Колку преземаат мерки зависи од нивните лични состојби и општествен статус, но сепак тој процент е висок.
Раде Прибакович Бриновец од Националниот институт за јавно здравје на Словенија потенцира дека над 90 проценти изнесува потребата од превенција посебно кај две категории граѓани - родилките и децата. Кај возрасните, како што посочува во анализта, за кои што се спроведуваат скрининзи за различни видови рак, учеството е од 65 до 70 отсто.
„Превентивната здравствена заштита е достапна за секого во Словенија каде што има задолжително здравствено осигурување. Ова значи дека нема кофинансирање кога се дава услугата. Превентивните услуги се достапни во примарната педијатрија за деца и младинци, во примарната гинекологија за жените, во семејната медицина за возрасните, во стоматологијата за децата и за младинците, и секако во центрите за промоција на здравјето, за луѓето што влегуваат во активности со кои го менуваат животниот стил“, вели Бриновец.
Оттука, произлегува заклучокот дека за да се зголеми свесноста и потребата за превентивните здравствени прегледи во Македонија, потребно е да се зголемат методите за превенција и за рана дијагностика, од типот на почести скрининзи, организирање на национални скрининзи, на пример за рак на дојка, за рак на дебело црево.
„Значи функционираше едно време национален скрининг за рак на дојка, сега не знам до, со ковидов измешани се многу работи и не знам до каде е стигната ситуацијата. Потребно е пациентите за овие болести кои што се превентабилни, кои што можат да се превенираат, да добиваат писмо преку матичниот лекар за да се јават на регуларна контрола. Не е доволно само да се создаде можноста за проверка и таа да трае додека трае одредена кампања. Потребно е да биде достапна постојано, и граѓаните да се убедуваат да ја искористат. Словенечките искуства не учат дека проактивниот здравствен систем, оној што самиот ги повикува луѓето да се прегледуваат, е многу поефикасен од реактивниот – оној што само чека пациентите да му дојдат кога им е најтешко“, појаснува Мирјана Бабамова, програмски координатор на здружението Хема.
Професорката Ангеловска во однос на ова прашање посочува дека промоцијата на превентивните прегледи се спроведува кампањски.
„Останува пак повеќе би рекла, кај нас кампањски да се одвиваат промоциите за превентивни прегледи и тие се одвиваат кога е светсканедела на некоја болест, па тогаш нели малку кампањски ќе се направи некоја промоција за можна превенција и рано откривање на особено на незаразните заболувања кои носат големи животи и го нарушуваат квалитетот на животот. Одбележувањето на разни светски денови, глобални недели или други моментални кампањи, никогаш не се доволни за да се постигнат добри превентивни резултати. Потребно е охрабрување и поттикнување на населението, и потребно е тоа да се прави постојано. Превенцијата кај нас не функционира добро затоа што голем дел од здравствените работници се фокусирани повеќе на лекувањето отколку на превентивните активности бидејќи тоа не е доволно стимулирано“, истакнува проф. Ангеловска.
Од друга страна, директорката на Директоратот за јавно здравје на Словенија, Весна Керстин Петрич, нагласува дека во земјата имаат организирани и бесплатни скрининзи.
„Овие бесплатни организирани скрининзи се такви што луѓето се повикуваат на скрининг, значи не мора самите да одлучат дека сакаат да одат на скрининг или не, туку добиваат писмо со кое се покануваат на скрининг за рак на дојката, за рак на матката кај жените, или за рак на дебелото црево. Но тоа не би било доволно ако не биде задолжително за докторите да ги обезбедуваат овие услуги за населението. Значи имаме регулативи со кои се осигуруваме дека децата, активното население и секако повозрасните, сите имаат превентивни прегледи во здравствените сервиси“, вели Петрич.
Има два столба на кои се потпира превентивната здравствена заштита. Првиот е – кога ќе почне, не треба да се прекинува и секогаш треба да се наоѓаат начини и ресурси за да продолжи. Вториот е постојано да се поттикнува учеството и да се наоѓаат нови начини, со модификување на програмите, за тие да бидат искористени од што повеќе граѓани.
Капацитетите се проблем и за самата превенција. Ако ја споредиме македонската и словенечката пракса, нема да најдеме разлики во основата. Постојат програми за превентивна заштита, постојат обврски на лекарите, пред се на матичните лекари, да ги информираат пациентите за тоа, но дури и кога постои интерес од пациентите да ја искористат можноста, нема гаранција дека ќе им се исполни тоа. Преоптовареноста на здравствениот систем оневозможува флексибилност, па ако прегледот се пропушти поради неодложни обврски, прашање е кога ќе има друг.
Ова е нешто што во Словенија го имаат сфатено одамна. Виделе дека одреден дел од населението не ги користи превентивните мерки, и решиле да преземат посебни мерки за него. И решиле да не го прават тоа самостојно. Ранливите групи, поради различни причини, најчесто социјални, биле со послаба грижа за заштитата на здравјето. Затоа, со европски проект, во последните години во Словенија се развил модел во кој преку 25 здравствени центри им се врши дополнителна здравствена заштита. Во него се вклучени лекари, медицински сестри, но и претставници на локалните заедници, социјални центри, невладини организации. Сите тие заедно ги бараат најдобрите решенија како може да им се пристапи на ранливите категории и да се обезбеди нивното учество во подобрувањето на општото здравје на населението.
Оваа тема е дел од епизодата „Здравствена писменост за подобро здравје“, направена во рамки на проектот на Балкон3, “Дали личиме на ЕУ?“ финансиран од Европската Унија, и целата епизода може да ја погледнете на следниот линк https://www.youtube.com/watch?v=3pthkqHLTYo&t=194s.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.