Во период од една година извршени 53 интервенции на Државната кардиохирургија
Објавено во: Македонија 19 Март, 2015
Од првата интервенција на Универзитетската клиника за кардиохирургија во Скопје, извршена на 19 март 2014 година, досега, во таа јавна здравствена установа успешно се направени 53 интервенции.
По повод една година од првата интервенција на Државната кардиохирургија, министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети новите простории на таа јавна здравствена установа, кои се наоѓаат во зградата на Клиниката за кардиологија.
Истакна дека се монтира опремата за која веќе се склучени договорите, најголем дел од неа веќе е пристигнат, а треба да пристигне уште еден дел.
- Државната кардиохирургија 40 години беше проект кој требаше да се имплементира во Македонија. Четириесет години безуспешно се пробуваше да се имплементира и да се основа. Се основаше пред една година и од тогаш досега континуирано успешно работи и се развива. Во овие нови простории кога ќе бидат и комлетно опремени со опремата, очекуваме Државната кардиохирургија дека ќе може да работи со уште посилно темпо и со поголем број интервенции, рече Тодоров.
Посочи дека во новите 750 метри квадратни простории на Државната кардиохирургија има две операциони сали, одлично опремена интензицна нега, опремени соби на одделение или стационар и најсовремена опрема и одличен и многу мотивиран кадар.
- Во Државната кардиохирургија досега имаме вработено 43 лекари, сестри, технички и административен персонал, кои во оваа прва година од постоењето работеше макотрпно за да ја овозможи добрата организираност на оваа Клиника, но и воспоставувањето на оваа дејност во македонското јавно здравје. Очеуваме во наредниот период уште посилно да се развива имајќи предвид дека многу вложуваме во кадарот, нагласи Тодоров.
Потенцира дека досега од 43 вработени, 20 сестри и еден перфузионист биле испратени на едукација во странство, двајца специјалисти се на субспецијализација во Клиничкиот центар Загреб кои ќе имаат можност да се доедуцираат и во Државната универзитетска болница во Виена, која е една од најдобрите во Европа.
- За две години би имале и двајца субспецијалисти по кардиохирургија кои ќе бидат дел од овој тим доктори, додаде министерот Тодоров.
Првата интервенција на Државната кардиохирургија на 19 март 2014 година му била извршена на 64-годишниот Игнат Спиров, кој имал нарушување на аортната валвула. Тој денеска изјави дека се чувствува добро. Интервенција ја изведоа двајца кардиохирурзи од Италија, Робето Чини и Антонино Маруло.