24 Април, 2024
0.0326

Во Русија сакаат ново освојување на Сибир

Објавено во: Свет, Колумни 09 Август, 2021

Добивај вести на Viber

По почетокот на освојувањето на Арктикот кое е во тек неколку години, во Русија проговорија и за ново освојување на Сибир. Како во време на Руската Империја, во време на Советскиот Сојуз, така и сега некои во Русија сметаат дека дојде време за нов поглед кон истокот од Москва. Еден меѓу тие некои, ни помалку, ни повеќе, е министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
„Неопходно ни е во Сибир да изградиме три, а подобро пет крупни научно-индустриски центри, економски центри, едноставно кажано, градови со население од 300 до 500 илјади, а најдобро до милион луѓе. И не само да се изградат градови, туку и главниот град овде да се префрли, а тие да бидат апсолутно конкретно  насочени кон една или друга сфера на активност, изјави Шојгу на средбата со научната јавност на Сибирското одделение на Руската академија на науки. Градовите, на пример би можеле да бидат профилирани за машинско и енергетско производство или пак нафтена хемија. Според министерот вакви проекти постоеле во плановите на советското раководство, но со жалење констатира дека по распадот на СССР тие планови не се оствариле. Иако имало и реализирани. Како пример Шојгу ги спомна големите проекти од времето на СССР, кога беше изградаен Комсомолск на Амур, Краснојарската и Сајано-Шушенската хидроцентрали, Бајкалско-Амурската магистрала.
Вака искажаниот предлог, како што бива секогаш, предизвика реакции во јавноста. Едни го поддржуваат, а други укажуваат на неговата неодржливост. Предлогот да беше даден од некој обичен научник или експерт, можеби и немаше да се сфати толку сериозно. Но кога излегува од устата на министер за одбрана, човек кој заедно со министерот за надворешни работи ја возглавуваат водечката петорка на партијата „Единствена Русија“  за наредните парламентарни избори, тогаш може да се размислува и за синхронизиран предлог со врвот на државата. Конкретно со претседателот Владимир Путин. Предлог кој вреди да се разгледа, но и кој мириса на предизборен маркетинг.

ПРОЕКТ ОД СОНИШТАТА

„Ова е огромен напреден проект што во целост ќе влијае на земјата, но првенствено на развојот на Сибир. Бидејќи ова е огромен стимул за економски развој и отворање работни места. Но, најважно е силен и инспиративен проект, бидејќи изградбата на нови градови е „проект од соништата “, смета политичката аналитичарка Ана Фјодорова. Таа е уверена дека реализацијата на проектот ќе привлече во регионот огромен број висококвалификувани специјалисти. А фактот дека тој беше искажан од Шојгу, според неа значи и увереност дека планот може да се реализира. „Сергеј Шојгу не е еден од оние јавни луѓе кои сакаат само да зборуваат. Од природата на неговиот карактер и позицијата што ја има, јасно е дека тој не фрла зборови во ветер“, забележа Фјодорова.
Фалби за предлогот дојдоа и од Серускиот народен фронт. Еден нивен член изјави дека младите ќе го оценат предлогот  Ако предлозите се реализираат во максимално кратки рокови и бидат успешни, тогаш младите во нив задолжитено ќе се вклучат, порачуваат од Фронтот. Па тврдење дека Шојгу може да ја реализира изградбата на петте градови, „бидејќи има знаење и искуство“. Овој проект е важен за земјата, бидејќи големите градилишта привлекуваат нови сили во градовите каде што ќе се реализираат. Така било и со Олимпијадата во Сочи и со Светскиот шампионат во фудбал, сметаат од Фронтот. Поддршка на идејата на Шојгу дојде и од заменикот претседател на Сибирското одделение на Руската академија на науки, академикот Николај Пахиленко. Тој вели: „Идејата е добра, во принцип и така треба да се делува. Таквите центри не се ново искуство. Во многу држави има големи градови или градови-сателити околу кои има специјализирано производство“. Според него нивното организирање е доста лесно, а лесна е и подготовката на кадри и создавањето на потребната инфраструктура. 
Министерот Шојгу е од Сибир. И добро ги знае ставовите и расположението на луѓето од таму. Ги знае нивните чувства кон центарот, кои не се од вчера. На пример за независност од Москва. Мали групи приврзаници, како што ги има во САД, на пример, за независност на Тексас или на Калифорнија. Ним им е јасно дека реално тоа не можат да го остварат, но сепак зборуваат дека се далеку од центарот, дека се заборавени, дека се негова колонија, дека децентрализацијата е во полза на компаниите кои го експлоатираат Сибир. Тие знаат дека идејата за независност е нереална, ама е привлечна. Шојгу е Сибирјак и мошне добро ги разбира овие чувства. Сибир значи и сурова клима, некогаш, во минатото, добра заработувачка, но денес се повеќе народ го напушта и оди подалеку во градовите. Во царско време со проектите за освојување на Сибир таму се преселиле околу три милиони луѓе, но сега Шојгу бара околу пет милиони. Каде ќе ги најде? На Далечниот Исток на Русија исто така кубурат со население. Таму исто така се реализира програма за искористување на земјиштето со цел дел од населението од западот на Русија да се пресели на исток.

ПОЖАРИТЕ И НАСЕЛЕНОСТА

Некои погледи од Москва кон предлогот на Шојгу не се оптимистички настроени. Па така, Андреј Колесников од Карнеги фондацијата од Москва предлогот на  министерот го нарекува одраз на „задоцнетиот совок(хомо совјетикус)“. „Да се градат градови може околу било што при планска економија – тоа е концентрација на ресурсите. Градиме фабрика, а околу град. Околу што треба денес да се градат градови? Постојат јадра за привлекување на работна сила, но нив не можеш да ги изградиш вештачки“, вели Колесников.
Прашање е сега колку би имало ентузијазам во земјата да се гради нешто големо, како во време на социјализмот. Денес младите од центарот имаат други сфаќања. Градат мали туристички објекти во атрактивни делови од Сибир, Бајкал, на пример. Не може да се користи ни силата на затворениците од гулазите од времето на Сталин. Каде се пријателите на Путин, милијардери и другите бизнисмени да вложат во вакви идеи. Велат дека претераната децентрализацијата во економијата им овозможува на компаниите кои го црпат сибирското богатство своите седишта да не ги селат во Краснојарск или Новосибирск. Очигледно пак се’ ќе биде оставено на државата. Таа да гради, па цената да биде најмалку удвостручена. А градители ќе бидат луѓето блиски до власта. Наместо да вложат свои пари тие ќе земаат пак од државата. Милијарди долари беа зголемени планираните вредности на Олимписките игри во Сочи и Светскиот шампионат во фудбал.
Инаку идејата на Шојгу за пренесување на главниот град во Сибир не е нова. Тој уште во 2011 година, како министер за вонредни состојби, се искажал за такво нешто. И предложил да се формираат државни корпорации, потчинети на претседателот кои би имале удели во крупните државни претпријатија на Далечниот Исток и во Сибир. Тогаш тоа било критикувано поради опасноста од секаквите игри со државните пари. Оттука и заклучокот дека такво нешто, државни корпорации, можеби ќе се врати на дневен ред повторно. Што значи дека власта ќе управува со богатството преку нив.
Во полза на идејата на Шојгу, пак, одат и сегашните настани во Сибир. Но и во светот. Пожарите. Годинава според податоците на Федералната агенција за шумско стопанство на Русија шумите веќе горат на површина од 10,2 милиони хектари. Ако се според со Канада, која после Русија и Бразил има трета површина во светот со шуми, таму просечно годишно горат 0,72 проценти од шумите. Во Русија тој показател е 1,88 проценти, односно три пати поголем. Тоа се образложува, пред се, со фактот дека далечните реони на северот и на истокот на земјата се ненаселени и затоа борбата со пожарите и грижата за шумите таму се практично невозможни.

ШТО РЕЧЕ МАДЛЕН ОЛБРАЈТ ЗА СИБИР?

Новото освојување на Сибир има и уште една компонента. Меѓународна.  Во мај годинава претседателот Владимир Путин на една конференција изјави: „Штом Русија стане посилна, веднаш се наоѓаат причини за ограничување на нејзиниот развој. Како што рече еден од нашите императори, сите се плашат од нашата огромност. Дури и по крајот на постоењето на Советскиот Сојуз (а тој не е ништо друго, освен како историската Русија, само се нарекуваше поинаку, и идеолошката содржина на државата, се разбира, беше поинаква, но од геополитичка гледна точка, ова е историска Русија), дури и откако ќе се загуби една третина потенцијал, сепак за некого Русија е преголема“.
Путин го нагласи потенцијалот тврдејќи :„ Навистина, потенцијалот е колосален, територијата останува најголема во светот. 146 милиони луѓе - навидум не толку многу во споредба со оние земји каде што живеат стотици милиони граѓани, а некаде дури и над милијарда, но сепак се смета за многу. А некој дури и се осмелува јавно да каже дека наводно е неправедно што Русија ги поседува богатствата на таков регион, како Сибир, да ги има само една земја. Чудно е да се слушаат такви работи, особено во јавност, но тие понекогаш звучат. Сите сакаат да не гризнат некаде или да откинат нешто од нас. Но, тие треба да знаат, оние што ќе го направат ова, дека на секого ќе му искршиме заби за да не може да гризе. Ова е очигледно, а гаранција за ова е развојот на нашите вооружени сили“.
Веднаш по овие изјави и зборовите дека „ е неправедно една земја да го поседува цел Сибир“ некои во нив ја препознаа Мадлен Олбрајт, некогашната американска државна секретарка. Ја препознаа бидејќи во руската јавност тоа изјава се влече уште од крајот на деведесеттите години. Некогаш со име, или без име е „цитирана“ наводната нејзина изјава. Во разни варијации. На пример: „На Русија не и припаѓаат ниту Далечниот Исток, ниту Сибир“.  И тоа од врвни  руски политичари. Олбрајт тоа го има демантирано. Но еве се влече до ден денес.

КИНЕСКИ ФАКТОР

Но не е само САД во приказната за Сибир. Тука е и Кина. Официјално двете држави имаат многу добри односи. Но сепак во јавноста во двете држави понекогаш се појавуваат искажувања за „кинеската опасност на далечниот исток на Русија“. Во февруари годинава политологот,професорот од Финансовиот универзитет при владата на Руската Федерација, Олег Матвејчев, изјави дека во скоро време Русија би можела да ги загуби Сибир, деловите зад Бајкал и  Далечниот Исток. Кина би ги зела доколку Русија не ги насели. Професорот Матвејчев вели дека во никој случај не е ксенфоб. Но бројките зборуваат дека може нешто да се случи. „ Населеноста на Задбајкалот и Далечниот Исток е еден човек на квадратен километар, а во европскиот дел на Русија е 27 луѓе. Притоа Далечниот Исток и Задбајкалот се 50 проценти од територијата на Русија, а ако се земе уште централен Сибир, тогаш тоа е околу 60 проценти“, вели Матвејчев. На таа територија  практично не живее никој тврди тој. „Притоа во приграничните региони со Кина живеат се на се четири милиони граѓани на Русија. А во Кина – 100 милиони. На Кина и се крајно неопходни свежа вода, шума, руди, енергија и друго. А сето тоа се наоѓа токму на наша територија. И колку долго, како што се вели, ние мирно ќе се дружиме, ќе се бакнуваме, ќе потпишуваме меморандуми..?“, заклучува Матвејчев.
Во Кина исто така има текстови во кои се „жали“ по Сибир, кој долго време во минатото и припаѓал на Кина, за потоа да стане дел од Руската Империја. На тој начин кинеските дипломати биле кратковиди од стратешка точка и донеле решение да го предадат Сибир на Русија. „Безусловно сега кинеските власти жалаат за донесените во тоа време решенија но очигледно, нивната шанса да се добијат тие земји е бесповратно изгубена“, пишуваат некои медиуми.

Ставот на експерти за Кина во Русија е дека нема факти за „кинеска закана“. Николај Вавилов, автор на неколу книги за Кина,  вели:„ „Кинеската закана“ имаше повеќе можности за реализација во моментите кога постсоветска Русија беше максимално слаба, меѓутоа Кина ниту еднаш не ја искористи таквата можност. Последен пат за крупните региони кои потпаднале под руска јурисдикција, зборуваше Мао Цетунг“. Инаку се поголем број Руси одат во Кина, работат, заработуваат. Најбројни се младите. А Кинези доаѓаат во Русија, најмногу користат шумско богатство.

И сега што ќе биде со Сибир? Ќе градат ли Русите градови од по милион жители? Ќе се пресели ли главниот град на Русија во Сибир? Или пак и овој пат, како пред десет години и ова идеја на Сергеј Шојгу ќе стане дел од минатото. А сега само избликна пред есенските избори за рускиот парламент. Можеби внатрешните анкети ја поттикнаа изјавата на Шојгу. Работите во Сибир и Далечниот Исток на Русија се мошне сериозни. Путин може да се крсти во неговото оружје за одбрана на тој дел од Русија. Но за спокојство на граѓаните не е доволно само оружјето. Битен е народот на Сибир, а и на Далечниот Исток. Иако малуброен. За населението таму Москва треба да се однесува како да е поблиску од Кина.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

БАЈДЕН ПОТПИША ПОТЕНЦИЈАЛНА ЗАБРАНА ЗА ТИКТОК - еве што ќе се случува понатаму

БАЈДЕН ПОТПИША ПОТЕНЦИЈАЛНА ЗАБРАНА ЗА ТИКТОК - еве што ќе се случува понатаму

УКРАИНА ДОБИВА ОРУЖЈЕ ДО КРАЈ НА ДЕНОТ! Бајден го потпиша законот, пристигнува рекордна помош за 3 држави!

УКРАИНА ДОБИВА ОРУЖЈЕ ДО КРАЈ НА ДЕНОТ! Бајден го потпиша законот, пристигнува рекордна помош за 3 држави!

НЕКОЛКУ ЛИЦА ПОВРЕДЕНИ ВО „ЧУДЕН“ ИНЦИДЕНТ ВО ЛОНДОН: Избегани армиски коњи трчаа низ центарот на Лондон (ВИДEО)

НЕКОЛКУ ЛИЦА ПОВРЕДЕНИ ВО „ЧУДЕН“ ИНЦИДЕНТ ВО ЛОНДОН: Избегани армиски коњи трчаа низ центарот на Лондон (ВИДEО)

(ВИДЕО) ГОРИ ВО РУСИЈА: Украина пак погоди рафинерија со дронови

(ВИДЕО) ГОРИ ВО РУСИЈА: Украина пак погоди рафинерија со дронови

ЗАГРИЖЕНИ СЕ ЗА КОНФЛИКТОТ ВО ГАЗА: Јамајка ја призна државата Палестина

ЗАГРИЖЕНИ СЕ ЗА КОНФЛИКТОТ ВО ГАЗА: Јамајка ја призна државата Палестина

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Уапсен е рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов

ПОРАДИ КОРУПЦИЈА: Уапсен е рускиот заменик министер за одбрана Тимур Иванов

ИРАН СЕ ЗАКАНИ НА ИЗРАЕЛ: Aко пак нападнат, не е јасно дали нешто ќе остане од Израел

ИРАН СЕ ЗАКАНИ НА ИЗРАЕЛ: Aко пак нападнат, не е јасно дали нешто ќе остане од Израел

ХАМАС ПОВИКА НА ЕСКАЛАЦИЈА: Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции

ХАМАС ПОВИКА НА ЕСКАЛАЦИЈА: Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ИЗРАЕЛСКИ ВОЈНИК ГО ШУТНА ПАЛЕСТИНСКОТО ЗНАМЕ И ЛЕТНА ВО ВОЗДУХ: Со повреди заврши во болница

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ИЗРАЕЛСКИ ВОЈНИК ГО ШУТНА ПАЛЕСТИНСКОТО ЗНАМЕ И ЛЕТНА ВО ВОЗДУХ: Со повреди заврши во болница