ОТКАКО НАЈАВИ ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА ОД МАКЕДОНИЈА: Вртоглав пад на акцијата на e.GO
Објавено во: Економија 10 Ноември, 2023
Next.e.GO Mobile пред нешто повеќе од една година, во август 2023, ja најави третата микро-фабрика за електрични автомобили што требаше да започне да се гради во Македонија, но во меѓувреме вредноста на акцијата на компанијата доживува голем пад на берзата.
За една година цената на една акција паднала на 0,55 долари, а само пред една година, односно пред 52 недели пикот бил 2,24 долари по акција. Кај компанијата постои голем пад и краткорочно. За последните пет дена може да се види дека вредноста на акцијата паднала за 20 отсто, покажува marketwatch.
Германската компанија, која во Македонија се поврзува со „Еколог“ на Лазим Дестани, има само една оперативна фабрика во Ахен, додека последните информации кои доаѓаат од Бугарија се дека во Ловеч нема ништо од најавениот проект од 2021.
На 13 август 2022 година (денот на Рамковниот договор) во индустриската зона кај Тетово се собра владиниот и врвот на ДУИ при поставувањето камен-темелник на фабрика за производство на електрични автомобили. Почетокот на изградбата беше најавен за шест до осум недели, но таму сега е само камен -темелникот. Образложението беше дека за потребите на фабриката било неопходно време за да се спојат четири постоечки парцели во зоната во Тетово. Во меѓувреме само имаше информација од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и министерот за економија Крешник Бектеши дека има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реализираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, и има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната.
Производителот на електрични автомобили најави започнување со производство во близина на Тетово во последниот квартал на 2024 година со отворање на 900 работни места. Дополнително беше истакнато дека компанијата ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра. Беше најавено дека компанијата нема да користи даночни ослободувања, а владината поддршка со 35 отсто од вкупната инвестиција (42,5 милиони евра) има заштитни клаузули и ќе биде реализирана само по исполнувањето на обврските, според конкретни рокови
Производството на e.Go автомобилите беше најавено со сопствена платформа за возила и нов производствен систем. Технолошки беше предвидено возилата да се развиваат и произведуваат за пократко време и со значително помали инвестиции отколку што е случајот со конвенционалните производители на автомобили.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.