Вучиќ: Србија е „пред банкрот, во вистинска смисла“
Објавено во: Балкан 07 Октомври, 2013
Намалување на платите во јавниот сектор со што ќе се заштедат меѓу 200 и 230 милиони евра, најави потпретседателот на Владата на Србија Александар Вучиќ.
– Пензиите нема да ги намалуваме, но ќе има намалувања на платите во јавниот сектор. Приватниот сектор што ја влече државата напред не може тоа да го издржи. Неможно е во приватниот сектор просечната плата да биде 34.000 динари, а во државниот 47.000 динари. Тоа го нема во ниту една држава во светот, изјави тој за телевизијата Прва.
Вучиќ најави дека до крајот на годината во Србија ќе има милијарда долари од кредит од ОАЕ од кои 500 милиони ќе се потрошат за враќање долгови, а 500 милиони вложени во стопанството „со најголема контрола“.
Тој нагласи дека државата е „пред банкрот, во вистинска смисла“ и најави дека мерките за економско опоравување ќе бидат тешки, а не популистички. Со тие мерки според него, ќе бидат погодени меѓу 300.000 и 500.000 луѓе.
Вучиќ вели дека фискалниот дефицит мора да биде намален за 2 до 2,5 отсто што значи заштеда од 800 милиони евра.
– Мора да ги намалиме и субвенциите кои се над милијарда евра, наведе Вучиќ.