16 Април, 2024
0.0639

За Скопје 2014, Ерол Ризаов: Колку чини кило кич?

Објавено во: Анализа 28 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Мајсторите од старо Скопје си играа мајтап со чираците на нивниот прв работен ден. Ги праќаа да донесат од соседната работилница една кофа струја. По тоа  ценеа колку му сече умот  на новиот чирак. Деновиве ми текна на таа тест – шега  кога почна  да се мери колку  чини килограм кич на скопскиот и плоштадите ширум  Македонија. Македонскиот неколку века задоцнет квази барок излеан во тони и тони бронза, преправените  фасади и антички дивоградби  и колонади и дузина импровизации од жални врби, рингишпили и галии на Вардар,  до триумфални капии и смешни мостови чинел само   200 – 250 милиони  евра. Тоа ни го приопшти Владата преку нејзината министерка за култура Елизабета Канческа - Милевска, со  видливо задоволство  дека  за вакво грандиозно  градителско чудо тоа се никакви  пари. Во светот на уметноста плоштадите  се отстапуваат на големи и докажани имиња. Тие не се ангажираат со тендери и конкурси. Обично тоа се прави на покана на вистински авторитети. Така се градат и создаваат  ремек дела кои  стануваат национална гордост и дел од колективното памтење на генерации, најчесто на големо задоволство на  авторите за симболичен надомест. Нашите  карикатурални  и  пропагандистички потфати за  баснословни пари и  хонорари  какви што не добиле ни најгенијалните автори ни   донесоа  само кич, лоши плагијати, тони безвредна бронза....  панаѓурски лик на скопскиот плоштад. Тешко може да се пресмета колку чини она што му е направено на Скопје. Обично како големо оправдување  служи тезата  дека претходните власти ништо не изградија, а овие барем  направија нешто. Да,  може со право  да се критикуваат претходниците што не обрнале доволно внимание на  паметници. Но многу  поштетно  е  ова што е изградено на најубавите простори вака како што е изградено. Тоа е  поголемо злосторство отколку да останало како што било, па да се гради  според  естетски и уметнички  вредности. Ако кичот е баснословно скап затоа што секој денар потрошен за безвредни плагијати  се фрлени народни пари, тогаш колку чини вистинската уметност,  ремек делата  кои   се оставени без никаква заштита  од државата  на арамии, диви копачи, белосветски криминалци и домашни прекројувачи на историјата. Колку чини една охридска икона од која шашардисаа познавачите на уметноста во Париз, Рим и во Токио.  Колку чинат фреските во Курбиново, Нерези, Старо Нагоричане, Матка.... Колку вредат последните  30  икони што ги однесоа ајдуците од најубавата мијачка црква Св. Ѓорѓи во Лазарополе изработени од генијот  Дичо Зограф.  Колку чинат изгорените и украдени  иконостаси по македонските цркви.Колку чини манастирот Трескавец, Бигорски, Лешочкиот, Св. Јоаќим Осоговски и десетици други безвременски дела градени од  едни други неимари. Колку чинат старите ракописи и книги, и стотици разни артефакти разнесени по светските музеи и приватни галерии и домови. Велите, нема цена. Е, па нема цена. Дозволете ми една мала пресметка додека откриете кој е тој што гради кич, а не ги заштитува вистинските дијаманти. Кој им фрла бисери на свињите. Само манастирот Трескавец кој последен изгоре чини десет пати  повеќе отколку сите овие  гротески на скопскиот плоштад. Не поради парите, туку поради нешто многу поважно.Трескавец е граден со љубов на христијански  темели и верба  за заштита на иднината и идентитетот на Македонскиот  народ  и затоа не може да се измери колку чини. А,  „Скопје 2014“ е граден со пари на сиромашен народ  на пагански темели  за освојување на  власт и враќање во минатото. Ерол Ризаов, Утрински Весник Фактор Ви ги претставува мислењата на дел од македонските новинари и јавни личности за проектот Скопје 2014. Не мора да значи дека нивните ставови ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската и политичка дебата.  

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза