„За заедничка Македонија“ повика граѓаните да се мобилизираат идната недела
Објавено во: Македонија 08 Април, 2017
Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ велат дека следната недела ќе биде клучна, особено првите три дена.
Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“ денеска пред Собранието ги повика сите граѓани да се мобилизираат тие денови. Поддржувачите на иницијативата денеска со автомобили од кои се вееја македонски знамиња тргнаа од две локации во Скопје, спортските сали Борис Трајковски и Јане Сандански, по што двете колони се споија пред зградата на Собранието.
„Она што се обидоа да го направат во четвртокот, на шверцерски начин да изберат претседател на Собранието кој не се откажал од тиранската платформа и веднаш потоа да поминат на избор на Влада ќе се обидат сосема сигурно во овие три дена, пред Велигден да го направат. Тоа не смееме и нема да им го дозволиме“- изјави Илиевски.
Илиевски кажа дека утре нема да имаат активности туку ќе информираат како ќе постапуваат од понеделник, дали ќе се собираат пред Владата како досега или директно ќе доаѓаат пред Собранието.
Оваа иницијатива протестира повеќе од 40 дена за отфрлање на платформата на албанските партии.Освен во Скопје, протести имаше и во повеќе градови во внатрешноста на Македонија.