Задолжителното пензионирање до 64 години „заглавено“ во Собранието, граѓаните кои сакаат да продолжат револтирани што не смеат да поднесат барања
Објавено во: Македонија 15 Јануари, 2021
Се уште не е донесен законот за задолжително пензионирање на вработените во јавниот сектор заклучно со 62 години за жени и 64 години за мажи.
Не се знае ни кога ќе се донесе, бидејќи, како што рече министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, сите законски решенија кои го регулираат ова прашање, се блокирани со амандмани од опозицијата.
Она што се знае, е дека право на продолжување на годините до пензионирање, ќе имаат само оние што поднеле барања до крајот на август минатата година.
А во меѓувреме, според информациите, со оглед што се уште важи законот за продолжување на годините до пензионирање, многу граѓани веќе сакале да си поднесат барање за продолжување, но тоа не им било дозволено, што е причина за нивни револт, бидејќи сметаат дека не може да се забранува нешто за што уште не е донесен законот.
Шахпаска нагласи дека станува збор за законско решение кое не е поднесено од нејзиното министертво од Владата, туку од група пратеници.
„Законот, според моите информации, е стигнат во второ читање.За сите четири закони кои го регулираат пензионирањето на 64 години, како што е Законот за работни односи, Законот за административни службеници, Законот за здравствена заштита и Законот за високо образование, се блокирани од опозицијата со по 400 до 500 амандмани. Значи, пред јавноста треба да се објасни дека ние како министерство не учествуваме во законодавната процедура. Јас ги повикувам пратениците, како од власта, така и од опозицијата, да најдат начин да се договорат, бидејќи нашите информации се дека сите амандмани се речиси исти, односно се однесуваат само на преместување на рокот за важење на законот“, рече министерката Шахпаска.
На прашањето дали овие новини со пензионирањето би стартувале во сила веднаш откако законите ќе поминат во собранието, Шахпаска одговори дека согласно предвидените законски решенија, предвидено е дека сите оние граѓани кои наполниле 64 години и кои согласно важешкото законско решение до крајот на 31 август 2020 година поднеле барање за продолжувае на нивниот работен век до следната година, ќе важи договорот за работа до неговото истекување, но најдоцна до 31.12.2021 година.
Како што е познато, за приватните фирми се уште ќе важи дека работникт, доколку сака може да си поднесе барање за продолжување, што беше направено како отстапка на барање на бизнисот. Така што, задолжително пензионирање на 62, односно 64 години ќе важи само за вработените во јавен сектор.
На прашањето за предизборното ветување за докуп на стаж, Шахпаска рече дека во МТСП интензвно се работи на ЗРО, и тоа е прв приоритетен закон кој треба да се донесе оваа година. Со СБ се работи и на нов закон за формирање на Централен регистар на осигуреници во државата.
„Има утврдена временска рамка врз основа на која треба да се подготви законот, а пандемијата ја успори динамиката. Се надевам дека пандемијата ќе заврши и ќе ги заокружме овие решенија“, рече Шахпаска.
Но, на дополнителното прашање кога точно граѓаните да го очекуваат ова решение за докуп на стаж до пет години до пензионирање, и кој се ќе може да докупи стаж, односно да се дадат повеќе детали како тоа ќе тече како процес, таа не даде конкретен одговор, наведувајќи дека реформите „си имаат рамка и течат до 2021 година“. А вели, тој закон ќе зависи од ЗРО, кој е првиот системски закон кој треба да се донесе до крајот на годинава.
„Значи, предизборното ветување за докуп на стаж е процес кој ќе трае, а ние ќе го исполниме пред нашите граѓани“, рече Шахпаска.
Таа не може да сподели конкретни информации, велејќи дека прво треба да се воспостави Централен регистар на сите осигуреници во државата. Тврди дека ова е сериозна реформа, која треба да гарантира стабилен пензиски систем.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.