24 Април, 2024
0.0276

Заев го измете својот двор - Ќе го среди ли и владиниот со целосен реизбор?

Објавено во: Анализа 27 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Целосното партиско раководство на СДСМ е целосно разрешено како резултат на големите промени кои се преземаат од страна на претседателот на владејачката партија Зоран Заев, а со поддршка на Централниот одбор. По направената чистка од Бихаќка се „изметени“ сите шест потпретседатели, меѓу кои Оливер Спасовски, Мухамед Зеќири, Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Петре Шилегов и Благојче Бочварски. Разрешен е и генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски, потоа секретарот за организациони работи Миле Зечевиќ, и секретарот за меѓународна соработка Дане Талевски. Повеќе Цветанка Ласкова нема да биде координатор на Форумот на Жени на СДСМ. Промените на централно ниво на партијата следат и по разрешувањето на сите претседатели на општинските организации на СДСМ на локално ниво.

Заев со овие промени успеа да направи голема чистка во сопствениот двор, да покаже дека никој не е безбеден со функциите кои ги добил и дека откако ќе биде направен избор на новите партиски кадри очекува поодговорно водење на политиките.

„Сега е време за нова голема иницијатива на СДСМ. Целиот фокус е кон подобрување на животот на граѓаните. Заради тоа постоиме, заради тоа функционираме и заради тоа сме основани. СДСМ е големина, најголемата партија која секогаш носела најголеми одлуки за развојот на државата. СДСМ покажува дека живее со и за граѓаните, дека ги слуша нивните потреби и дека е подготвен да се менува кон подобро, за да им служи уште подобро на граѓаните. Тоа е разликата помеѓу нас и нашите политички опоненти. Следуваат денови кога ќе се случат промени во извршната власт, а после две до три недели ќе се случат именувањата и во СДСМ, транспарентно, одговорно, секогаш како што тоа граѓаните го заслужуваат“ истакна Заев.


Сепак, тоа што е најмногу значајно за јавноста е кога метлата ќе продолжи со чистката и во државните институции. Сосема извесно е дека ресорот земјоделие ќе добие нов предводник, но премиерот Заев исто така најави дека ќе следат големи промени и на Илинденска. Доколку дојде до измена на поголем број на министри од двајца заедно со претходните измени во владиниот кабинеттоа ќе значи целосен реизбор на Владата,бидејќи веќе ќе биде исполнет условот за промена на најмалку една третина од владините министри. За оваа операција според Уставот ќе мора да помине и во Собранието со гласање на доверба, односно со добивање на апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Со партијата останува да раководи Зоран Заев, додека пак нов ген-сек ќе биде Љупчо Николовски. Тој повеќе нема да биде министер за земјоделство, а премиерот истакна дека го повлекува од Владата назад во партијата поради успешното раководење со секторот и затоа од него очекува да ја води СДСМ најдобро што може.

Од разрешените партиски функционери министер е Оливер Спасовски. Тој ја загуби партиската улога, но Заев пред новинарит не откри дали следна е и владината.

Останатите разрешени потпретседатели како Шилегов, Бочварски, Зеќири, Ременска и Кирацовски се во локалната, односно законодавната власта каде единствено може сами да си поднесат оставки.

Како министри на СДСМ кои може да бидат разрешени најмногу се споменуваат имињата на Дамјан Манчевски задолжен за администрацијата, Венко Филипче од здравство, Горан Сугаревски кој го води ресорот транспорт и врски, а помалку поштедени не би требало да бидат ниту економските ресори иако според досегашните прогнози на внатрепартиски извори поблиску до разрешување е министерот за финансии Драган Тевдовски, отколку вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Секако, засега ова се неофицијални и непотврдени информации, но според потезите на Заев треба да се земе во предвид дека веќе никој не е гарантирано дека ќе ја задржи својата државна фотелја. Понатаму разрешувања се очекуваат и во ресорите кои ги водат коалиционите владини партнери, па се чека абер од ДУИ кои министри се „потрошливи“. 


Х.С.