23 Април, 2024
0.0329

Заев и Мицкоски - Равенка со многу минуси и не така тешко решение

Објавено во: Анализа 05 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Професорот Христијан Мицкоски кој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ обожува во своите јавни настапи да користи математички или академски термини, но се чини и дека по вчерашната средба со премиерот Заев нема така лесно да се дојде до решението на равенката за враќање на опозицијата во Собранието и изедначување на политичките фактори кога е во прашање постигнување цврст консензус околу позициите на Република Македонија во преговорите за деценискиот спор со Грција.

Главните минуси на математичкото решение кое Мицкоски го очекува за опозицијата повторно да седне во пратеничките клупи и да го продолжи политичкиот дијалог е тоа што повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и натаму се во притвор без оглед дали ефективен или домашен. Од друга страна пак, премиерот Заев не се гледа себеси како воспитувач и тој самиот да им дели лекции на правосудните органи дали притворот за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е оправдан или не бидејќи не смее да се меша во судската власт. 

ВМРО-ДПМНЕ речиси воопшто и да не се забележа дека е опозициска партија, освен тоа што поднесе 35 илјади амандмани за целосна блокада на носењето на контроверзниот Закон за употреба на јазиците. И по вчерашната двочасовна средба очигледно е дека кај Мицкоски ништо суштинско не е сменето по однос на осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок за крвавите настани од 27 април при упадот во Собранието меѓу кои има и опозициски пратеници и членови на ВМРО-ДПМНЕ. 

Заев рече дека единствено што може да направи е да покаже разбирање за состојбата на ВМРО-ДПМНЕ и дека притворот повеќе не смее да се применува како казна наместо како мерка за обезбедување на осомничените и дека реформите во правосудството треба допрва да се реализираат.

Кога веќе е јасно дека судските процеси ќе продолжат да течат ВМРО-ДПМНЕ мора да смисли начин како да остане релевантен на политичката сцена бидејќи бојкотот не им носи апсолутно никакви придобвки. Затоа Мицкоски мора да ги користи двата џокери, блокада на законот за употреба на јазиците и предупредувања за големите отстапки во преговорите за името. Тука ВМРО-ДПМНЕ може да биде многу поефикасен, да игра на својата позната патриотска карта, да предупредува на неуставните членови на предложениот закон, како и на можниот лош компромис со Грција. 

Конечно, меѓу Заев и Мицкоски вчера имаше и неколку конструктивни моменти, а тоа е согласност да се избере нов состав на Државната изборна комисија и тоа по истиот модел кој претходно го сакаше СДСМ со тројца независни членови од кои еден ќе биде претседател на истата по предлог на опозицијата. 

Исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе помогне во реформскиот процес, особено во носењето на пообемните и посложените законски решенија за кои е потребен широк консензус за да се исполнат стандардите кои се потребни за влез во Европската унија но, и да се подигне квалитетот на легислативата за македонските граѓани.

Автор: Христијан Станоевиќ