ЗАПАЛЕН АВТОМОБИЛОТ НА ГАЛЕТАНОВСКИ: „Моето возило е целосно изгорено, ниту сум скаран со некого ниту некој ми се заканувал“
Објавено во: Македонија 09 Септември, 2025 10:45
Непознато лице го запалило автомобилот на претседателот на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорги Галетановски - Чомбе.
Опожарениот автомобил бил пријавен ноќеска, околу 3 часот по полноќ, а бил паркиран во Кисела Вода, пред зградата во која живее Галетановски.
Самиот Галетановски ја потврди информацијата, додавајќи дека имало граѓани кои го виделе подметнувачот како го пали автомобилот и бега.
„ Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал. Апелирам до министерот и до Министерство за Внатрешни Работи и надлежните најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, туку поради мирен живот во Скопје и цела држава, на сите граѓани. Има и сејф сити и камери околу, да се надеваме дека мирот ќе боде вратен“, напиша Галетановски на Фејсбук.
Огнот од запалениот автомобил бил изгаснат со интервенција на пожарникарите.
Од МВР велат дека од пожарот биле зафатени уште две други патнички возила.
„Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Иван Козаров“ во Скопје опожарено било патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Ѓ.Г.(43) од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „Опел“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „Форд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на А.М.(47) од Скопје“, велат од Министерството.
Со осуда за палењето се јави СДСМ, од каде побараа МВР веднаш да го расчисти случајот.
„СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски. Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи. Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“, реагираат од СДСМ.
Можеби ќе ве интересира
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје
Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив
Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска




