Добивај вести на Viber
Започнаа активностите во рамки на проектот кој во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид го споредува Универзитетот во Келн за утврдување на староста на Охридското Езеро, климатските промени во регионот низ времето и настанување на живиот свет во него.
Како што беше појаснето на денешната прес-конференција, веќе се врши дупчење на седиментот на дното во централниот дел на езерото, каде е предвидено да се извадат материјали од длабочина од 680 метри.
Директорот на Хидробиолошкиот завод Сузана Патчева истакна дека утврдувањето на точната старост и потеклото на езерото е главната цел на овој проект.
- Истовремено ќе се утврдува и уделот на геолошките случувања од минатото на главните еволуциони процеси во езерото кои генерирале екстремно висок диверзитет и ендемореликтен карактер на животинската и растителната населба во езерото, ќе се добијат резултати за тектонските и вулканските промени, но и промените во климатските услови во централниот и северниот дел на Медитеранот и ќе се добијат попрецизни информации за староста и потеклото на Охридското Езеро, рече Патчева.
Добиените материјали од дупчењето ќе бидат однесени во Универзитетот во Келн, каде ќе се спроведуваат анализите за потребите на субјектите вклучени во проектот, додека подоцна истите ќе бидат достапни за целата светска научна јавност.
Професорот Бернд Вагнер од Универзитетот во Келн, инаку координатор на геолошкиот дел од испитувањето, нагласи дека според досегашните испитувања спроведени на Охридското Езеро се смета за најстаро во Европа, со проценета старост од најмалку два милиони години, меѓутоа додаде дека никогаш однапред не може да се знае што ќе покаже извадениот седиментен материјал.
- Резултатите за утврдувањето на староста на езерото зависат од она што ќе биде пронајдено во седиментот, дали тој материјал може да се датира независно дали ќе бидат палеомагнетски инвертери, траги од прашина од вулкански активности, биолошки материјал, рече Вагнер, нагласувајќи дека за тој дел од активностите се ангажирани 30-тина врвни светски експерти за односната проблематика.
Станува збор за прв проект што го спроведува Меѓународната програма за научни длабински ископувања , насочен првенствено за испитување на еволутивните промени, а истовремено преку дополнителни истражувања на ДНК-материјал и методот на молекуларни тактови се прави реконструкција на еволуциската историја на избрани ендемични видови.
Проектот вреден 2,5 милиони долари се реализира со поддршка на Владата на Република Македонија, а за координатор на неговата имплементација е назначено Министерството за образование и наука. Хидробиолошкиот завод Охрид е институцијата што ќе даде целосна логистичка поддршка при реализација на целите на проектот, додека Капетанијата на пристаништа на Охрид е задолжено за транспортот и поставувањето на опремата на Охридското Езеро.