Започнува судењето, ќе плаќа ли „Македонски железници-Транспорт“ долг од околу 25 милиони евра?
Објавено во: Економија 16 Октомври, 2025 15:23
Од железничкото претпријатие за превоз на патници и суровини - ЖРСМ Транспорт АД не коментираат за детали пред закажаното судско рочиште на 30 октомври на кое ќе се расправа за долгот од околу 25 милиони евра кон Хрватски железници Карго, односно кон побарувачот – компанијата CIOS Zagreb.
Директорот на акционерското друштво во државна сопственост Дејан Кошутиќ, на наше барање,изјави дека од таму ќе чекаат прво да видат каква одлука ќе донесе Судот, а дури потоа ќе се разгледува евентуалната можност да се дојде до некој вонсудски договор со доверителот.
- Овој процес е започнат во 2023, значи за време на претходното раководење, и сега веќе се знае дека во Основен граѓански суд ќе има главна расправа на 30 октомври. Сметаме дека е неблагодарно и не сакаме да преземаме нешто пред да се изјасни судот. Потоа по одлуката, евентуално процесот ќе продолжи и пред Апелација второстепено. Треба да се знае и тоа дека не се работи за чист комерцијален спор, туку покомплициран случај, вели Кошутиќ.
Од 2007 година до денес меѓународно признаен долг на „Железници Транспорт“ од нешто помалку од 4 милиони евра нарасна на цели 25 милиони евра, без претходни предлози за спогодбено решавање на спорот. Пресметките на каматите се согласно правилата за пресметки на Меѓународната железничка унија (UIC). И покрај тоа, институциите остануваат пасивни и без одговор веќе повеќе од една деценија.
„Фактор“ се обрати и до Министерството за транспорт за овој проблкем. Од таму не добивме официјален одговор,но ни беше кажано дека ЖРСМ Транспорт АД како акционерско друштво, а не јавно претпријатие, е одговорно пред себе за своето работење.
Според јавно достапните информации долгот кон Хрватски железници Карго е повеќепати признат. Сепак, државата две децении не преземаше мерки за решавање, а каматата годишно расте речиси за 2 милиони евра.
Македонското железничко друштво за транспорт на стока и патници минатата година ја заврши со долг од над 65 милиони евра и е најголем загубар во државата.
Можеби ќе ве интересира
Орбан: Добивме неограничено и целосно ослободување од санкциите против Русија
Трамп објави дали Индија престанала да купува руска нафта
Поевтини храната во светот, исклучок има кај една намирница која сите ја користиме
Балканците навалија во овие земји: Платите се огромни
ИНФЛАЦИЈАТА СО НОВ РАСТ ОД 4,5 ПРОЦЕНТИ - на месечна основа има благо намалување
Бислимовски: Обновливи извори се ок, но потребни се инвестиции во базна енергија
НИШТО ОД КУПУВАЊЕТО НА ЛУКОИЛ - Гунвор се откажува од понудата поради САД





