ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ИНСТИТУЦИОНАЛЕН МОЛК ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА РЕЧИСИ 25 МИЛИОНИ ЕВРА
Објавено во: Економија 13 Октомври, 2025 11:00
Како и зошто сите македонски влади од 2007 година до денес дозволиле меѓународно признаен долг од нешто помалку од 4 милиони евра да порасне на цели 25 милиони евра, игнорирајќи ги сите предлози за спогодбено решавање на спорот - ова прашање се отвори по долгот на железничкото претпријатие за превоз на патници и суровини - ЖРСМ Транспорт АД кон Хрватски железници Карго, кој според јавно достапните информации е повеќепати признат. Сепак, државата две децении не презема мерки за решавање, а каматата годишно расте речиси за 2 милиони евра.
Судскиот процес за долгот на ЖРСМ Транспорт АД Скопје кон Хрватски железници Карго веќе е започнат, а главната расправа, односно рочиштето е закажано за октомври годинава. Сè уште не е познато со кои аргументи Државното правобранителство ќе ги брани интересите на државата, бидејќи долгот е официјално и повеќепати признат од сите директори на Македонски железници Транспорт и во нивните јавно објавени бизнис планови.
Побарувачот – Компанијата CIOS Zagreb, формално и правно станала доверител на долгот во 2011 година, кога го откупила на јавен тендер гарантираното побарување од Хрватски железници Карго. Од тој момент, CIOS континуирано се обидува да воспостави дијалог и постигне спогодба со македонската страна, доставувајќи официјални предлози за договор и прекин на течењето на каматата.
Пресметките на каматите се согласно правилата за пресметки на Меѓународната железничка унија (UIC). И покрај тоа, институциите остануваат пасивни и без одговор веќе повеќе од една деценија.
Согласно Планот на поделба на Македонски железници, верификуван со Одлука на Владата на Република Македонија од 08.05.2007 година, долгот за железнички превоз кон странски железници, за периодот 1991–1995 и понатаму од 1996 година, и официјално ѝ припаднал на ЖРСМ Транспорт АД. Таму јасно стои дека долгот кон Хрватски железници Карго по основ на главница изнесувал 3.842.386 евра, додека со каматите на 31 август 2023 година достигнал цели 25 милиони евра.
Во истиот документ стои дека сите други долгови од овој период – освен со Хрватска и Бугарија – биле решени со посредство на Меѓународната железничка унија (UIC) од Париз, која во овој случај има и улога на гарант на обврските. Тогашните спогодби биле прифатени со отпис на камати и намалување на главниот долг за 51 отсто, со државна гаранција за плаќање. Со ваквиот игнорантски однос, државата не само што го зголемува товарот на ЖРСМ Транспорт АД, туку и го доведува во прашање својот углед во меѓународните финансиски и железнички односи.
Експертите предупредуваат дека договорна спогодба е најразумен, економски оправдан и меѓународно кредибилен чекор што би бил од корист за сите страни – и за државата, и за доверителот, и за железничкиот систем во целина.
Можеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




