Затворска казна за Људмил Кљусев: Таткото премиер, синот осуден за перење на пари
Објавено во: Македонија 23 Март, 2017
Синот на поранешниот премиер на Македонија Никола Кљусев, Људмил Кљусев, е осуден на 2 години и 2 месеци затвор во Америка. Тој е прогласен за виновен бидејќи нелегално препишувал лекови за пациенти и незаконски фактурирал здравствено осигурување, објавија американските медиуми.
Оваа пресуда е конечна и доаѓа по судски процес кој траеше година и половина. Освен затворската казна, окружниот судија Алвин В. Томпсон го задолжи Кљусев да плати парична казна од 17.500 долари, јавуваат медиумите во САД.
Покрај тоа, Кљусев се согласил да се откаже од имотот каде се наоѓала неговата ординација, а ќе му бидат одземени и 173.000 долари кои биле запленети во неговата канцеларија на денот на неговото апсење. Истражните органи исто така му конфискуваа и 117.000 долари од неговата сметка. Судијата му нареди на Људмил Кљусев на две осигурителни компании да им плати вкупен надомест од 31.000 долари.
Судските документи и изјави дадени во судот покажуваат дека Кљусев, кој управувал со психијатриската ординација во Mилфорд, Конектикат, нелегално ги препишувал лековите „Адерал“ и Ксанакс“.
Адерал, кој е класифициран како дрога, содржи комбинација на амфетамин и декстроамфетамин,и двете се стимуланси на централниот нервен систем. Оваа комбинација на лекови се користи за лекување на нарколепсија и хиперактивно нарушување. Ксанакс, пак, кој исто така е вброен во редот на дрога и најчесто се користи за лекување на анксиозни нарушувања или паника.
Истрагата, која вклучува користење на доверливи сведоци и еден полицаец на тајна задача, претставувајќи се како пациенти, откри дека Кљусев препишувал лекови без целосен медицински преглед на пациентот и издавал рецепти без потврда на дијагнозата. Тој исто така издавал рецепти за споменатите лекови, за кои пациентите му давале пари.
Кљусев беше уапсен на 12 ноември 2015 година, а лани на 30 ноемвритој се изјасни за виновен по една точка од обвинението за дистрибуција на наркотици, како и една точка која се однесува на измама со здравствена заштита.
Морад Факшими, кој е трет адвокат на Кљусев во овој случај, побара судијата Томпсон да го помилува со оглед на угледот на семејството Кљусев.
„Тој до крајот на животот ќе страда поради овој срам што му го нанесе на неговиот татко“, изјави Факшими.
Факшими го бранеше својот клиент дека тој не може да се поистовети со дилер на дрога, кој продава хероин.
"Она што тој го правеше беше чекор на линија помеѓу доброто и злото, но тоа беше мал чекор", рече Факшими.
Неколку пати Судот одби на Кљусев да му ја прифати гаранцијата која ја нудеше и да го ослободи од притвор, поради ризик од бегство во земјите во кои има државјанства - Канада и Македонија.
Лиценцата на 52 годишниот Кљусев му е одземена во САД, па неговиот адвокат го праша судијата дали психијатарот може да се врати во Македонија откако ќе биде ослободен од затвор за да продолжи да заработува за живот како психијатар.
Но, судијата Томпсон изјави дека не може да му овозможи на Кљусев да се врати во Македонија, додека не ги врати сите криминална долгови.
J.M.